Андреа ја промовира евровизиската песна во Подгорица и се дружеше со црногорските пејачи

Македонската евровизиска претставничка Андреа Коевска, викендов беше во Црна Гора за да ја промовира песната Circles. Таа отиде во Подгорица на покана на Радио Телевизија Црна Гора. Андреа беше гостинка во специјална евровизиска емисија „12 поени за Црна Гора“, чиј домаќин беше Владана Вучиниќ, пејачката која годинава ќе ја претставува Црна Гора и во Торино ќе ја пее песната Breathe. Таа гостуваше и во емисијата „Стил“, а се сретна и со претставници на специјализираниот евровизиски блог escbubble.

Во специјалното евровизиско ток-шоу, кое ќе се прикажува на 4 март, освен Андреа гостуваа и неколку поранешни претставници на Црна Гора. Меѓу нив беа и Нина Жижиќ, која пееше во 2013 година со песната „Игранка“, Кнез кој ја претставуваше земјата со песната „Адио“ во 2015 година, Лука Војдовиќ од групата Highway, кои на Евровизија учествуваа во 2016 година и Тамара Вујачиќ од групата D Mol кои беа последни црногорски претставници во Тел Авив 2019 година.

Тие зборуваа за своите евровизиски искуства, а ги пееја и омилените евровизиски песни. Андреа во шоуто ја испеа песната Euphoria од Лорен.

„Ми беше задоволство што имав прилика да ги запознаам овие талентирани и прекрасни музичари и луѓе. Сите ние ја делиме истата страст кон музиката и желбата да го дадеме најдоброто од себе на големата евровизиска сцена“, рече Андреа по гостувањето во Црна Гора.

Од Подгорица, Андреа заминува во Романија, каде што ќе биде гостинка на финалето на националниот избор за Евровизија на 5 март.

Scroll to Top