Македонскиот модел Христијан Стојаноски (23) две години гради успешна кариера во Азија. Минатиот месец тој се врати од Индија, каде што снимаше кампањи за неколку светски брендови – „Томи Хилфигер“, „Келвин Клајн“, „Бос“, „Лакост“, „Најк“. Сликите од неговите кампањи се наоѓаат на веб-страниците на овие познати модни куќи, заедно со фотографиите на некои од најпознатите светски машки модели.
„Во Индија сликав за големи брендови, но работев кампањи и за индиски компании. Тоа е огромен пазар, клиентите секогаш имаат специфични барања. Но сепак задоволен сум од работата што ја добивам иако се занимавам само четири години со оваа работа“, ни раскажа Христијан, кој е дел од модното студио „Моделс ИН“. Сепак, не е се така розово во светот на модата. Особено, во периодот на пандемијата. Ниту пaк е лесно да се живее во Индија, вели мaнекенот. Иако работел за најпознатите светски брендови, гламурот во Индија, секогаш е засенет од сиромаштијата во земјата.
Ова најмногу го почувствувал кога престанал да снима и заради короната два месеца бил во карантин.
„Живеев во куќа со уште неколку модели. Во првиот месец карантинот делуваше опуштено, без напната атмосфера, иако првпат сите бевме постојано заедно и сами меѓу четири ѕида. Но, веќе во вториот месец почна да се чувствува нетрпеливост, да се појавуваат недоразбирања и караници, оти никој од нас не работеше. Во тоа време секој си наоѓаше занимација за времето полесно да му пројде, ама меѓусебните дружби многу ми помогнаа да ги ублажам тешките денови“, вели тој.
Но, најтешко од сè му било враќањето во Македонија. Кога решил да си дојде дома, се соочил со многу проблеми: неколку пати му го откажале летот, му пропаднале неколку авионски билети, а еднаш дури и го вратиле назад од аеродромот.
„Пред да влезам во авионот не ми дозволија да полетам за Македонија. За среќа, по неколку дена купив билет до Белград и оттаму дојдов во Скопје“, вели Христијан.
Ни раскажа дека кариерата ја почнал на 19 години во агенцијата „Моделс ИН“, една од ретките кај нас која работи со машки модели. Скоро на секој кастинг каде што одел, добивал понуда за снимање и за кратко време стекнал големо искуство. Брзо потоа ја добил првата понуда да работи во Индија.
„Прифатив без размислување и не се покајав. Презадоволен сум од ангажманите што ги добивав, од искуството што го стекнав и од контактите што ги остварив. По една година таму, се вратив во Македонија. Но брзо потоа пак ми понудија да се вратам назад и знаев дека не смеам да ја пропуштам. Штом ќе заврши пандемијата, пак ќе одам таму или на некој друг светски пазар. Во овие неколку години стекнав независност и сигурен сум дека моделингот ќе ми стане главна професија во животот“, ни кажа Христијан.
А. Јовановска