Пејачката Тина Алексовска (45) од Скопје неодамна имаше отворена операција на срце поради вродена срцева маана. Таа во интервју за „Репортер“ раскажа за својата борба со болеста, која ја има од раѓање.
Тина вели дека уште од дете знаела за болеста поради редовните контроли, но најтешко било тоа што не може да функционира како другите деца. Тоа влијаело и на изборот на училиште, па наместо воена академија, завршила средно уметничко.
„Иако отсекогаш ми велеа дека има време за операција, сепак пред два месеци, почна да ми се лоши. Се посомневав дека можеби нешто не е во ред, па веднаш отидов кај матичната. После две години поради пандемијата и немањето слободен термин, конечно заминав на контрола. Докторот ми рече дека ми е потребна итна операција, а потоа заминав на Кардиохирургија кај проф. др. Сашко Јовев“, вели таа, па додава: „Му реков дека во петок и сабота ќе пеам, а во понеделник ќе дојдам да се оперирам“, раскажува таа за Репортер.
Тина пред и после операцијата редовно споделуваше интересни видеа на кои секогаш е насмеана. Признава дека не знае што е она што ја прави позитивна, дали родителите или животот ја научил на тоа. Вели најверојатно таков ми е карактерот, оти уште како дете во секое лошо гледав добро.
„Отсекогаш првата помислила ми била онаа дека сум жива, дека и дента сум ги отворила очите. Знаев дека еден ден морам да се оперирам. Заминав на операција без воопшто да размислам. Кога а ме однесоа во операционата сала, сфатив дека ова е можеби последното нешто во мојот живот. Не се сеќавам на ниту еден момент од операцијата. Сите ми велат дека била најтешка, можеби на докторот, не и на мене. За мене беше најлесна“, искрена е Тина.
Таа додава дека не се срами да зборува за ниедна тема, како ни за болеста и тешките моменти кои ги доживеала. Па затоа секогаш јавно ги споделува сите случувања, да си олесни себеси, но и да им помогне на оние кои ја делат истата мака.
„Додека лежев во шок соба, не бев свесна за многу работи. Но бев решена дека морам да се изборам и да закрепнам што е можно поскоро. Не поради тоа што немав нега, туку заради тоа што од секогаш сум била вистински борец. Никогаш во животот не сум се предала така лесно. Сите болести ги поминав на нога со инјекции и песна. По пет дена, ме отпуштија од болница. И тогаш ми стана најтешко. Цел живот знаев сама да се снаоѓам, а сега, морав да ја мачам мајка ми за секога ситница. Без неа не можев нити да се соблечам, ниту да легнам како што треба. Почувствував како ме убива психата“, раскажува Тина.
Тина вели дека откако ќе закрепне, повторно ќе запее. Таа пред 2,5 години ја оперираше целосно тироидната жлезда. Но после два месеци го имала првиот настап.
„Пеев со наведната глава, бидејќи мускулите ми ја влечеа главата, но и тогаш не се предадов. Имам огромен рез хоризонтално напред на вратат. А сега имам и на градите огромна вертикална линија. Но тоа не ме тажи, напротив, лузните треба да нè потсетат на нашата храброст и истрајност без разлика низ што сè сме поминале низ животот“, вели таа за „Репортер“.
Таа ни откри дека никогаш не се пронаоѓала во цртањето, иако нејзиниот татко е професор по ликовно и има многу самостојни изложби. Тина повеќе сакала музика, оти тоа го наследила од фамилијата на мајка ѝ. По разделбата на нејзините родители, вели дека инает кон татко ѝ, додека седеле во еден ресторан станала да пее.
„Се обложив дека ќе пеам, му ги зедов парите и заминав кај свирачот. Никогаш не ни помислив дека ќе се занимавам со музика. Кога го замолив да отпеам една песна, тој веднаш се согласи. Сите гости станаа и почнаа да пеат, а јас останав збунета. Ме прифатија како цел живот да сум пеела. По неколку дена, пеев и на роденденот на сестра ми. Оттогаш почнаа и моите свирки. Како во земјава, така и во странство. Пеев на сите забави на Кометал Ѓорче Петров кои ги организираше господинот Трифун Костовски, а пеев и на свадбата на Александар Митевски. Најнезаборавен момент ми беше кога Тоше ја донесе Данијела Мартиновиќ во Змија бар после нејзиниот концерт. Газдата Балевски ми кажа да ги пејам нејзините песни, а таа се качи на сепаре и почна да игра“, открива Тина.
Во 25-годишната кариера, неколку пати ѝ биле понудени песни кои воопшто не ѝ се допаднале, па затоа се одлучила да не сними ништо. Верува дека своите видеа што ги објавува на социјалните мрежи од нејзините настапи ќе остават трага сами по себе.
Тина вели дека на почетокот на пандемијата, за првпат не работела ништо, туку се одморила од сè. Иако настапува по кафеани, признава дека не е кафеански тип, туку ѝ недостигаат луѓето. Сега таа повторно се одмара, околу 3-6 месеци, според препораките на докторите.
„Овој пат ќе ги послушам бидејќи за срце се работи. Иако луѓето мислат дека ми е супер додека пеам, сепак пеењето не е лесна работа. Треба да си здрав и расположен пред сè за да си насмеан, па да можеш да ги забавуваш луѓето. Се надевам дека ќе можам повторно да ја дадам истата енергија како порано“, вели таа.
Тина има само еден план во иднина, а тоа е да оздрави и полека да им се врати на свирките низ градот.
Марија Прличкова