Македонецот Зоран Петровски победи во бугарскиот „Survivor“

Македонецот Зоран Петровски е победник на шестата сезона во бугарското шоу „Преживеан: Скриениот идол“. Шоуто се емитуваше на bTV, а Зоран ја доби главната награда од 150.000 лева, пренесоа бугарските медиуми.

Македонскиот режисер е роден во Скопје но веќе 20 години живее во Бугарија. Во брак е со актерката Силвија Петкова која ја запознал додека работел како режисер на серијата „Револуција 3“, во која и таа глумеше. Врската ја почнаа во 2016 година. Двојката има син.

Зад себе има режирано многу серии и реклами, а работи и на снимање филмови.

„Чувството на победа е одлично. Ви благодарам на сите. На Филипините се споив со местото, со природата и играта. Бев вистински од почеток до крај“, рече Зоран по победата.

Гласањето се одвиваше на Филипините, а водителот Владо Карамазов ја зема гласачката кутија од преживеаните и ја однесе во студиото од каде се емисијата се емитуваше во живо во Софија.

Од реалното шоу се потсетија на љубовните приказни меѓу учесниците, нивните партнерства, нивните најтешки моменти. Според многумина Зоран ја направил сезоната возбудлива.

Scroll to Top