Почина новинарот и хроничар на Скопје, Данило Коцевски

Новинарот и публицист Данило Коцевски, кого скопјани со децении го знаат како легенда на Скопје, почина на 73 години по кусо боледувања. Погребот се одржа денеска на Градските гробишта во Бутел во присуство на семејството.

Коцевски дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, а како стипендист на француската влада престојувал во Франција  Тој е еден од иницијаторите за основање на Институтот за македонска литература заедно со Георги Сталев, Слободан Мицковиќ и Душко Наневски на почетокот на осумдесеттите години. Член на Друштвото на писателите на Македонија  станал во 1973 година, а со група еминентни македонски писатели основач е на здружението на независните писатели на Македонија. Во 1967 професионално се вработува во редакцијата на весникот „Млад борец“, а подоцна преминува во културната редакција на тогашната Радио-телевизија Скопје. Најпрвин бил член на редакцијата на познатото списание за уметност и култура „Разгледи“, а потоа и негов главен и одговорен уредник. Од 2008 до 2012 година ја извршувал функцијата директор на Струшките вечери на поезијата. Објавил 26 книги од сите жанрови. Добитник е на еминентни признанија од областа на книжевноста и публицистиката, а негови текстови се преведени на неколку јазици и застапени во неколку антологии. Познат е и како хроничар на градот Скопје, со неколку издадени книги и повеќе документарни и телевизиски емисии посветени на градот.

 

Scroll to Top