Со мотото „Да ги наполниме батериите на евтина струја“, вчера се одржа 26. „Златна бубамара на популарноста“. И ова беше доволна причина повторно да се соберат на едно место познатите имиња, уметници, спортисти, музичари.
„Бубамара“ првпат беше без Сашко Коцев. Иако недостигаше и тој како заштитен знак на приредбата, но и неговата смисла за хумор, сепак младите актери Атанас и Тино беа супер избор. И на ниво на задачата тие успеаја да ја насмеат публиката.
Супер штосови, добар хумор, па дури и сами си се смееја на своите шеги, што особено измами насмевки во салата.
„Лани не знаевме кој е Таче, а годинава за 26 илјади евра (колку што потроши за саморекламирање на “Фејсбук“) ич да не го дознававме кој е“, се шегуваа Атанас и Тино.
На тапет овој пат беше министерката за култура, Бисера Костадинова-Стојчевска. И неверојатно колку со хумор ја раскажаа ситуацијата во која се наоѓаа театрите. Почнувајќи од поплавениот МНТ, каде што во водата нема ајкула, туку тоа е Сашко Коцев, кој плива грбно додека му се гледа перката над водата, а министерката да се фотографира и со неа за да ја има веб-страница“.
И додека глумците висат на лустери, во театрите шетаат лебарки и стаорци, колата на Бесна Бејби уште е заглавена во Вардар, а турбината на МНТ ја врти Христијан Мицковски за да си произведат сами струја. И сè ова додека министерката со штикли шета низ театарот, а програмата за култура летнала во Вардар, ама водата волшебно го сменила правецот, па сè однела накај Тетово и Гостивар…
И така помина уште една „Бубамара“ со многу награди и музика. Најемотивен момент беше настапот на Ефто Пупиноски и фолк-дамата Блага Петреска, со кои грмеше целата сала. Награда за трајни музички вредности доби Јаков Дренковски, а наградата за животно дело ја добија браќата Миле и Ѓорѓи Барбаровски, кои напишаа некои од најубавите песни во антологијата на македонската народна музика.
Влатко Стефановски и Џибони имаа беспрекорен настап и измамија воодушевување кај публиката. Пееше и Мирослав Илиќ. Андријана Јаневска со неверојатна вокална изведба, Игор Џамбазов со рецитирање, тука беше Наум Петрески со „Земјо македонска“. Песна посветена на Горан Пандев, што на италијански, што на струмички, во изведба на Харе Гуру и Џамбазов беше вистински избор.
И така помина уште една вечер за која ќе се зборува.
Александра Георгиев