Актерот Диме Илиев ја доби наградата за животно дело „Петре Прличко“

Актерот Диме Илиев е добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2019 година што ја доделува Општина Велес. Во негова чест вчера во велешкиот театар беше изведена претставата „Слуга на двајца господари“, во режија на Ненад Витанов.

Илиев неодамна замина во пензија. Тој глумел во повеќе од 150 театарски претстави и во најголемиот дел од нив ја играл главната улога. Осум пати глумел во филм, а има и 18 телевизиски улоги и 200 радиодрами. Во 1977 ја доби наградата за најдобар млад актер за улогата на Младичот во „Црнила“, а во 2015 година ја доби наградата Актер на годината во 2015 што му ја додели весникот „Дневник“.

Освен Диме Илиев, во конкуренција за наградата биле уште четворица актери. Жирито со едногласна одлука овој пат го прогласи Илиев за добитник на престижната награда. Тој доби плакета со ликот на Петре Прличко и парична награда.

Општина Велес наградата ја доделува од 2006 година, прво заедно со Здружението на драмски уметници „Џинот“, а во последните неколку години самостојно.

Scroll to Top