Андријана Јаневска повторно доаѓа во Кавадарци да ја отпее песната „Ми заплакало село Ваташа“. Таа ќе биде дел од изведувачите на првата вечер на манифестацијата Тиквешки гроздобер, на 8. септември на градскиот плоштад.
Песната посветена на 12-те ваташки младинци, кои беа убиени од бугарскиот фашистички окупатор пред осум децении, Јаневска за првпат ја изведе на манифестацијата ,,Златна бубамара на популарноста”. Додека таа пееше, Игор Џамбазов ги рецитираше стиховите на „Цветови“ песна од Славко Јаневски. Оваа изведба стана еден од најсподелуваните од манифестацијата, а пред неколку дена песната во аранжман на Николче Мицевски беше промовирана и како дел од проектот „Македонијо, во срце те носиме“.
Покрај неа, на првата гроздоберска вечер во Кавадарци ќе настапат и ДНК и Слаткаристика. Следниот ден на 9. септември ќе се одржи карневалското дефиле, а на 10 септември, во недела, ќе настапат Лина Пејовска, Дарко Лазиќ и Лепа Брена.