Аплауз и овации за Милчо Манчевски на светската премиера на „Кајмак“ во Токио

Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ноќеска имаше светска премиера на 35. Меѓународен филмски фестивал во Токио. Пред преполна сала, екипата беше пречекана со огромен аплауз. По проекцијата режисерот и актерките Сара Климоска и Ана Стојановска разговараа со јапонската и меѓународна публика која премиерно го погледна филмот.

„Кајмак“ се прикажува во официјална конкуренција фестивалот кој е најголем во Азија и еден е од најголемите во светот. Од предложени 1.700 филмови од 107 земји, во официјална конкуренција влегоа само 15, меѓу кои и македонскиот „Кајмак“. Откако се распродадоа двете фестивалски проекции на „Кајмак“, организаторот додаде и трета проекција, предвидена за претпоследниот ден на фестивалот.

Манчевски утре ќе одржи мастерклас за јапонските студенти и публика како единствен автор од западниот свет со мастерклас покрај претседателката на жирито, американската режисерка Џули Тејмур. Режисерот ќе има и формален разговор со публиката и по втората распродадена проекција на филмот, на 28 октомври.

ТИФФ се отвори на 24 октомври, кога на црвениот килим продефилираа сите учесници, меѓу кои и дел од македонскиот тим на „Кајмак“ предводен од режисерот Манчевски, актерките Климоска и Стојановска и продуцентот Јане Ќортошев.

„Холивуд репортер“ во извештајот од свеченото отворање на фестивалот напиша дека Манчевски е „македонскиот ерудит од Њујорк“.

По светската премиера во Токио, „Кајмак“ патува на филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван.

Македонската премиера на „Кајмак“ е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава.

„Кајмак“ е црна комедија или среќна трагедија за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот на Манчевски е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

По сценарио и режија на Манчевски, во филмот играат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Дејан Лилиќ, Ѓорѓи Јолевски и други.
Македонски продуцент на филмот е Банана филм.

Фотографии: 2022 ТИФФ

Scroll to Top