Голманот на македонската ракометна репрезентација, Борко Ристовски, со нетрпение го чека финалето во Лигата на шампионите што овој викенд се игра во Келн. Освен „Вардар“, на фајнал фор турнирот играат уште три екипи, сите од Франција, „Нант“, „Монпејле“ и „ПСЖ“.
„Мислам дека овој фајнал фор е најизедначениот до сега и сите екипи имаат еднаква шанса да ја освојат титулата. Нормално, сакам ‘Вардар’ да создаде историја и повторно да победи во финалето. Секогаш е убаво кога ќе слушнеш дека европскиот шампион е од твојата земја“, рече Борко за „Репортер“.
Тој неодамна го одигра последниот натпревар за „Барселона“, клубот за кој бранеше изминативе две сезони. И веќе се подготвува за следната дестинација.
„Не можам да кажам дека ми беше тешко што си одам, ама имам измешани чувства. ‘Барселона’ е еден од најголемите клубови и заедно освоивме многу титули овие две години. Моето семејство тука се чувствува преубаво, а во Шпанија имаме многу пријатели со кои поминавме преубав период. Ама, не се врзувам за клубовите во кои играм. Јас сум професионалец и играм додека имам договор. Мислам дека во животот е поважно времето да го искористите максимално и да создадете спомени што ќе ги памтите цел живот“, ни раскажа тој.
Во јавноста се шпекулираше дека Борко од следната сезона ќе игра во француски „Нант“. Тој го демантира ова. Ама не потврдува ни дека ќе брани за „Кил“, германскиот клуб кој сака да го донесе Ристовски на својот гол.
„Се уште не е официјално и не е потврдено, па затоа не можам да кажам ништо повеќе на оваа тема. Сигурно дека ‘Кил’ е голем клуб, еден од најголемите во светот, па чест ми е што се интересираат за мене“, ни откри Борко.
Тој деновиве се враќа во Македонија за да се подготви за натпреварите што со репрезентацијата ќе ги игра во јуни.
„Не очекуваат два незгодни натпревари за пласман за Светското првенство во Германија и Данска. Штом дојдам во Македонија веднаш ќе ги почнам тренинзите со репрезентацијата. Сакаме што подобро да се подготвиме за тие натпревари и повторно да се радуваме на уште еден пласман на големо натпреварување“, рече Борко.
Андријана Јовановска