Бројот со кој играше Перо Антиќ нема да се носи во НБА-лигата

Од наредната сезона ниту еден играч во НБА лигата нема да настапува во дресот со шестката, бројка која Перо Антиќ ја носеше на својот дрес во „Атланта Хоукс“.

Перо настапуваше со истиот број кој го носеше и Бил Расел, а раководството на НБА во чест на легендарниот кошаркар на „Бостон“, одлучи повеќе истиот никој да не го носи во иднина.

Перо Антиќ е првиот и единствениот досега македонски кошаркар кој играл во НБА-лигата. Две години го носеше дресот на „Атланта Хоукс“ од 2013 до 2015 година. Заработуваше 1,2 милиони долари за една сезона.

Ќе остане запаметен и по инцидентот кој го направи во април 2015 година, кога заедно со својот соиграч Табо Сефолоша беа уапсени во њујоршкиот клуб „1 ОАК“.

Двајцата ја попречуваа полицијата да изврши увид во инцидентот во кој кошаркарот на „Индијана Пејсерс“, Крис Коупленд и неговата сопруга беа нападнати и расечени со нож.

За потсетување, кошаркарите кои во моментов настапуваат со бројот шест, меѓу кои е и Леброн Џејмс, нема да мора да го менуваат, туку може да продолжат да играат сè до крајот на кариерата.

Но, ниту еден нов играч нема да може да ја задолжи шестката, што значи дека по одреден број години нема да има ниту еден кошаркар со оваа бројка на дресот.

Scroll to Top