Чукни во дрво доби нова верзија: Влатко Стефановски и Алколоид со хуманитарен видеоспот

Една од најпопуларните македонски песни, антологиската „Чукни во дрво“, во соработка со „Алкалоид“ доби нова верзија.

„Чукни во дрво“ е изведувана и преработувана повеќе од 3 децении од сериозни музичари од земјава и од регионот, овојпат честа ја имаат најмладите. Безвременските стихови и уникатната преработка и изведба од децата кои се дел од проектот „Дајте музика“ ќе добијат и хуманитарна нота.

Видеоспотот е во режија на Игор Иванов-Изи, за чија реализацијата се погрижи екипа од продуцентската куќа „Вертиго висуал“. Преработката на музиката, која се подготвуваше од јануари годинава, е во реализација на музичкиот продуцент Мите Димовски и студио „Тралала“.

„Чукни во дрво“ е песна за пролетта, надежта, среќата и за еланот во новите почетоци, кои во најновиот проект се заокружени под мотото „Здравјето пред сѐ“. Бендот кој во видеоспотот ја пренесува пораката на благодарност до најзасегнатите општествени категории, според замислата на режисерот Иванов, е омаж на легендарните „Битлси“ од верзијата на нивниот култен албум „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“.

Приказната во видеоспотот поаѓа од изработка на картички, кои најмалите деца ги подготвуваат во училишниот двор, а се наменети за општествените категории граѓани кои, иако беа засегнати со пандемијата, во ниту еден момент не запреа со своите дејности. Картичките со порака: „Ви благодариме! Здравјето пред сѐ“ поголемите другари и членовите на бендот ги дистрибуираат до полицијата, фармацевтите, пекарите, градскиот превоз, уметниците, здравствените работници и други.

„Чукни во дрво“, со музика и текст на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, за првпат е објавена во 1989 година, како нумера од последниот студиски албум „Путујемо“ на култната група „Леб и сол“.

Видеоспотот ќе биде поставен на дигиталните канали на „Алкалоид“ АД (YouTube, Facebook и Instagram). Од 10 јуни до 20 септември 2021 година, по повод својот 85 – годишен јубилеј, компанијата за секој преглед на видеоспотот ќе ѝ донира по еден денар на Универзитетската клиника за детски болести.

 

Scroll to Top