Под мотото „Да се предадеме“ на 21 февруари догодина во ВИП-арената „Борис Трајковски“ ќе се одржи 22. издание на манифестацијата „Златна бубамара“.
Организаторите, кои за себе велат дека се „Штаб за помилување, гушкање и добра забава на ‘Радио бубамара’“, најавуваат уште една манифестација со многу музика, смеа и награди за најуспешните од 2018 година.
„Да се предадеме! Драги наши отруени и запоставени граѓани, доколку сè уште верувате дека има останато некој нормален во нашата држава, доаѓа денот кога можеме да се собереме и заедно да провериме, да се проветриме и да уживаме во најновото издание на ‘Златна бубамара на популарноста’. Време е да се предадеме на музика, смеа и работа. Откако се оддадовме на лажење, крадење и неверства, ова е можност за просветлување и воскреснување на надежта. Како народ што си го бара своето, ќе ве чекаме со камшик и шик–пик–миг, па заедно со игра, песна и насмевки да ги поздравиме нашите најголеми уметници. Ве молиме, немојте да бојкотирате, блокирате, манипулирате или да бегате, за сите вас има по едно седиште“, велат организаторите од „Штабот за помилување“.