Македонија вчера влезе во финале на Евросонг. Тамара Тодевска со песната Proud ќе пее во финалето в сабота, на 18 мај, на сцената во Тел Авив.
Тамара по настапот рече дека е пресреќна и горда што конечно, по седум години повторно ќе може нашата земја да учествува во големото финале.
„Дечки, супер сме сите, пресреќна сум. Ви благодарам што верувавте во мене. Proud е песна за сите нас. Да се гордееме со себе и со луѓето околу нас. Фала ви на поддршката. Ве сакам. Ќе ве направам горди и в сабота“, напиша Тамара.
Последен македонски претставник што пеел во финалето на Евросонг е Калиопи. Таа во 2012 година пееше во Баку, Азербејџан, со песната „Црно и бело“.
Во финалето на Евровизија в сабота ќе пеат 26 земји, по десет од двете полуфиналиња, претставникот на земјата домаќин Израел и претставниците на големата петорка: Шпанија, Германија, Италија, Франција и Велика Британија.