Претседателот Стево Пендаровски денес на свечена церемонија во вилата Водно ѝ додели повелба на пејачката Биба Додева за поддршка на болните од рак и нивните семејства.
Во својот емотивен говор пејачката и претседателка на „Борка“ здружението за борба против ракот, им се заблагодари на сите кои помогнаа за да им се подобри животот на пациентите заболени од рак.
„Оваа повелба не само што служи како доказ за мојата посветеност, туку ги одразува и вредностите што нашата влада ги придава за препознавање и охрабрување на поединци кои се стремат да направат значајни промени во животот на другите. Би сакала да ја изразам мојата благодарност до безбројните соработници, волонтери, неверојатниот мој тим, сите оние општествено одговорни компании и поддржувачи и донатори, со кои имав привилегија да работам и кои великодушно го посветија своето време и ресурси за поддршка на каузата и за створување на мојата визија да ги подобриме животите на пациентите заболени од рак. Благодарност до здравствените работници, докторите од целата држава, во владините и здравствените институции, локалните самоуправи и граѓанските организации. Не можам да го изразам длабокото влијание кое го имаа врз мојот живот. Беше чест и привилегија да стојам покрај нив и заедно да се бориме залагајќи се за подобри третмани, пристап до терапија, скрининг програми, здравствени услуги кои прават значајна разлика во животот на пациентите. Нивната издржливост, верба, храброст, непоколеблив дух ме инспирираа да ги поместувам границите и да се стремам кон промени кои ќе донесат надеж и ќе спасат нечиј живот, нечие семејство. Нивната сила ми помогна да ја осознаам и мојата сила, бидејќи ракот не е само болест на индивидуата, туку е и болест и болка на целото семејство, која јас на потешкиот начин ја дознав губејќи ја својата мајка и голем број на сакани луѓе. На ќерка ми, на моето семејство, пријателите и најблиските, кои стојат покрај мене, нудејќи ми непоколеблива поддршка и охрабрување, им должам неизмерна благодарност“, рече Биба Додева.