Групата „Фонтана“, Џамбо Агушев, заедно со Камерниот оркестар IWCONNECT ќе одржат концерт на 26 декември во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. Специјални гости на овој концерт ќе бидат Даница Крстиќ од Србија и гитаристот Ангел Демирев од Бугарија.
„Концертот со наслов ‘Патување’ ќе биде едно уникатно музичко доживување за публиката. Балканската музичка традиција спакувана во посебни и урбани аранжмани ќе биде главниот двигател на ова патување, но покрај тоа ќе допреме и до богатата европска романтичност и сето тоа ќе биде изведено од триесетина музичари на сцената. Ветуваме уште еден несекојдневен музички настан кој ќе ја одбележи оваа година на културен и уметнички план“, велат Џамбо Агушев и Благојче Трајковски од „Фонтана“. Истата музичка екипа неодамна во Битола одржа концерт во рамките на „Фестивал на музика од светот“. Овој настан предизвика воодушевување и силни емоции кај публиката, по што музичарите решија концертот наречен „Патување“ да го одржат низ градовите во Македонија и регионот.