„ДНК“ донираа шпорет на дрва и храна за Ангела и Јордан од Велес

Панчо и Андреј од музичкото дуо „ДНК“, вчера во Велес ги посетија Ангела Јованова и нејзиниот син Јордан, и им однесоа храна, шпорет на дрва и средства за хигиена. Велат, откако ја слушнале сторијата за нивниот тежок живот, за Јордан кој самиот се грижи за мајка му, откако таа доживеала мозочен удар, решиле да ги посетат и да им помогнат. Сликите и впечатоците за тоа што виделе во куќатата на Јордан и Ангела, ги споделија на „Фејсбук“.

„Откако на Телевизија 24 ја слушнавме потресната приказна за велешанецот Јордан, кој самиот се грижи за својата болна мајка Ангела одвоивме време и отидовме да помогнеме онолку колку ни дозволува нашиот буџет. Тетка Ангела беше пресреќна и не покани да седнеме до неа и да поразговаравме, не само за лошите работи. Иако болна и со синот Јордан оставени на цедило од државата, двајцата беа одлични домаќини и ни се заблагодарија за тоа што сме одвоиле време и средства за да им помогнеме. Јас само би додал дека така се сака мајка, бидејќи е една, а токму нејзиниот син Јордан е пример за сите нас. Секогаш со неа и до неа, посветувајќи и го несебично неговиот живот, но на кого друг би го посветил ако не на жената која го донела на овој свет и го изгледала и пружала безусловна љубов. Факт дека живеат во прелоши услови но благодарение на сите добри лиѓе веруваат дека условите ќе им се подобрат и дека ќе може да живеат еден нормалн живот како што доликува за секое човечко суштество. Ние дониравме храна, средства за хигиена, шпорет на дрва, а сите вие кои можете и сакате да помогнете исконтактирајте го Јордан на 074 600 659“, напишаа „ДНК“.

Не е првпат Андреј и Панчо да им помогнат на социјално загрозени семејства. Тие лани донираа за шестчлено семејство од Скопје, а донираа и за пошумувањето на езерото Младост во Велес. Често одржуваат и хуманитарни концерти. Неодамна за „Репортер“ Панчо откри дека и тој имал тежок живот, па затоа сега сака да помогне кога може.

„Имаше времиња кога со 100 денари ги туркав деновите, затоа денес им давам на оние кои немаат“, ни кажа тогаш Панчо.

Инаку, откако излезе сторијата за лошите услови во кои живеат Јордан и Ангела, луѓе од цела Македонија донираа огревно дрво, храна, средства хигиена и покуќнина.

Scroll to Top