Долг аплауз за децата од актерската школа на Весна Бејби: Премиера на претставата „За нашиот Горан“ на Светскиот ден на театарот

Во МНТ денеска се одржа премиерата на театарската претстава „За нашиот Горан“, посветена на писателот и драматург Горан Стефановски. Во претставата, со која се одбележа Светскиот ден на театарот, играат децата од актерската школа на Весна Бејби.

Младите глумци одлично се снајдоа во своите улоги. Тие со многу емоции и искреност ги оживеаја ликовите и репликите од книгата „Стапица“ што ја напиша Стефановски. Новата претстава во режија на Весна Бејби доживеа вистински успех уште на првата изведба. Час и половина на сцената во МНТ имаше и смеа и солзи. Се пееја песни и од Еминем и од „Леб и сол“. Публиката ја препозна искреноста на младите глумци, па додека траеше претставата, често ги бодреше со аплауз. На крајот, актерите излегоа на сцената со маички на кои пишуваше „Горан те сакаме најмногу“ и уште еднаш беа наградени со долг аплауз и овации.

Весна Петрушевска, која е и режисер на претставата, изминативе месеци секојдневно работеше со младите актери од нејзината школа. Таа во најавата за претставата рече дека сака секое дете да знае барем по еден монолог од легендарниот писател.

„Горан, често име на нашите простори изведено од именката гора, но исто така со значение голем и силен. Таква е нашата љубов кон Горан, силна, огромна, истрајна и посветена. Можете лесно да паднете во неговата стапица на зборови. Децата од актерската школа лесно го разбираат и нивниот поттекст е прецизно точен. Јас сакам секое дете да знае барем по еден монолог на Горан“, рече Весна.

Фотографии: Фејсбук

Scroll to Top