Долгот на Есма Реџепова за лекување уште не е платен додека внуците се тепаат кој да ја земе куќата на Кале

И по пет години од смртта на Есма Реџепова Теодосиевска, долгот за лекување во болницата „Аџибадем Систина“  со износ од над 14.000 евра сè уште не е подмирен . Јавноста остана затечена по веста за неплатениот долг, оти откако Есма почина, нејзините внуки од сестри и браќа, како и внуци на Стево до денес водат  битка како и кој да ја наследи куќата на Кале. Според тестамент, Есма куќата ја остави на државата, со цел да биде музеј, ама до денес таа тоне во руина и ѓубре. Симеон Атанасов, кој е едно од децата на Теодосиевски кои ги посвоија и кој беше менаџер на Есма до крајот на нејзиниот живот, се бори да ги наследи авторските права, за кои вели дека според тестамент, Есма му ги оставила нему. Но, за тоа како се дозволило да остане неподмирен долгот на Есма за лекувањето, е тема за која наголемо се зборува.

„Без никакво двоумење јас бев подготвен да го платам целиот износ за лекувањето на Есма. Но, тогаш мојот адвокат ми рече да не брзам, бидејќи јасно беше дека внуците на Есма ќе се борат за наследството, се работи за осум лица од фамилијата Реџепови и ќе го оспоруваат тестаментот.

Според тестамент, јас сум наследник на авторски права, а тие ја бараат куќата на Кале. Се работи за имот кој вреди два милиони евра, затоа и адвокатот ми рече да се стрпам, да почекаме да се заврши судскиот процес, да видиме што ќе одлучи судот. Како да не е доволна целата драма што се случува откако Есма почина, и внуци на Стево сега бараат дел од наследството. Се работи за едно семејство од Штип, и тие се надеваат дека ќе добијат дел. Сите знаат дека Есма и Стево сакаа куќата да биде музеј, но кога се работи за имот со вредност од два милиони евра, сето ова е очекувано“, раскажал Атансов за „Фокус“

Атанасов, како и над 40 други деца кои Теодосиевски ги одгледале, законски не е посвоен. Бидејќи парот немал свои деца, наследството припаѓа на останати наследници, односно на внуци од сестри и браќа на Есма и Стево. Есма почина на 73 години во декември 2016 година.

Scroll to Top