Двајца македонски модели учествуваа на најголемата ревија во Милано со илјада манекени од цел свет

Македонските модели Андријана Илиоска и Мухамед Енуз беа дел од најголемата модна ревија во Милано, на брендот „Монклер“, а на која учествуваа речиси илјада модели од целиот свет. Со ревијата која се одржа пред катедралата Дуомо светскиот бренд одбележа 70 години од своето постоење.

„Ова беше еден од најочекуваните настани на оваа модна недела каде што на модната писта, а пред јавноста настапија 700 танчери, 200 музичари, 100 хористи и 952 манекенки, меѓу кои бев и јас“, рече за „Репортер“ Андријана Илиоска. Таа веќе неколку години работи во Милано, каде што слика за најпознатите светски брендови, а често пати е ангажирана и за нивните модни ревии.

Дел од најголемата светска модна ревија беше и Мухамед Енуз, кој е член на агенцијата „Моделс ИН“.

„За Мухамед ова беше втор значаен проект во моделингот откако замина за Милано пред еден месец. Тој претходно работеше и на кампањата за модното списание MM SCENE за брендот Balmain Hair Couture. Неговата интернационална кариера започна ова лето откако во соработка со агенцијата ‘Фокс моделс’ од Белград решивме да го пласираме на модниот пазар во Милано“, рече Алек Наумовски, еден од сопствениците на „Моделс ИН“.

Scroll to Top