„Еден час вежби и без гладување е доволно за хормонот на среќа“ – совети за топ-тело од Рита Конзулова, пилатес-инструктор

By

Во време на пандемијата на коронавирусот и по периодот на зимата кога речиси сите се затворивме дома, се затворија салите за вежбање, фитнес-центрите, немаше ниту спорт ниту, пак, можеше да се практикуваат спортски активности. Сè што се случуваше беше онлајн, па така хит стана и онлајн-вежбањето. Разговараме со Рита Конзулова, еден од нашите најбарни иструктори по пилатес, во чие студио за динамичен пилатес, Fame Fit, таа помага за одржување на телото, но ни ги открва и тајните за добар изглeд, дефинирани мускули, идеи за вежбање и начин на исхрана. Таа ги тренира и младите ракометари од ракометниот клуб „Јуниор Кисела Вода“, клуб што оваа година ќе се натпреварува во суперлигата, па ни раскажа како е да се работи со нив, ама како е и да се грижиш за изгледот на многу девојки, дами, жени, кои вежбаат според нејзините совети.

Како изгледа еден тренинг? 

Еден тренинг под мое водство е посебно организиран. Различна приказна. Секогаш се трудам ненападно и ненаметливо да го извадам максимумот од секој одделно, ама не секој реагира исто. Тренингот секогаш почнува и завршува со истегнување, а вежбите, повторувањата, реквизитите што ги користиме и начинот на кој се одвива вежбањето се секогаш различни. Секако, се работи на сите мускулни групи, го активираме целото тело со разни вежби, некогаш со поголем акцент на даден дел од телото, рацете, нозете, задникот, грбот, стомакот. Целта е секогаш иста – видливи резултати од сопствениот труд, среќните хормони да се активираат на најјако и тогаш почнува опсесијата да се вежба постојано.

Кој е основен совет за сите што вежбаат? 

Основен совет за сите вежбачи е, пред сè, да не скокаат оброк пред или по вежбите. Затоа е ангажирана нутриционистката Викторија Илиоска, која вели: „Скокањето оброци не води до намалување на телесната тежина, а уште помалку кон подобри физички и кондициони резултати. Во секој случај, пред и поствежбачките оброци треба да бидат соодветно испланирани затоа што грешките во количината, времето и видот на оброците може да го уништат целиот тренинг и спротивно на тоа, доколку оборкот е нутритивно балансиран според видот на вежбите, да го подобрат целиот тренинг, дури 50 % од можностите. Испланираните оброци се во правилни временски рамки, количини и состојки, за секој вежбач индивидуално, зависно кондиционата способност, која е одредена од тренерот и, се разбира, земајќи ги предвид здравствената состојба и дневните обврски на клиентот“.

Колку време треба за да се дојде до видливи резултати?

Сè што треба да се направи за да дојдеме до видливи резултати на себе на прво место се дисциплината и упорноста, т.е. вежбањето да стане задоволство во тој еден час од денот, но, пред сè, да нè води мислата дека тоа е значаен влог во сопственото здравје. Резултатите нема да се видливи доколку прескокнуваме тренинзи и наоѓаме секогаш оправдувања за отсуствата. Мораме да дадеме максимум на часот, а верувајте, телото е создадено да се движи и секој од нас го може тоа. Три пати во неделата по еден час е сосема доволно.

Обично стомачмите мускули им се слаба точка на сите. Колку време треба за убаво дефинирани стомачни мускули?

За дефинирани стомачни мускули треба, покрај вежби за стомак, да се комбинираат и поинтензивни кардио-вежби, а доста голема улога за сè ова е и исхраната, на која мора да се внимава. За квалитетно изведен тренинг, добар изглед, потребна е и здрава исхрана, да се стави акцент на она што се јаде пред тренинг, по тренинг, подобрување на енергијата.

На нашите вежбачи токму поради ова им нудиме и опција за изготвување индивидуален план за исхрана со рецепти и точни инструкции за деновите кога се физички активни во врска со продуктите што ги внесуваат, што, колку и кога да јадат. Нашата соработка со „Нутри ви“ и Викторија Илиоска, која е нутриционист, е засегната токму со оваа тематика и е достапна за каква било консултација во врска со исхраната.

 

Како почна да се занимаваш со вежбање? 

Сè почна пред повеќе од 12 години. Бев, едноставно, воодушевена од тоа како се однесува телото при изведба на сите вежби и нови движења. Тоа чуство на леснотија и задоволство додека вежбам, еве веќе колку години, е мој начин на живеење. Овој адреналин сè уште го чувствувам при изведба на секоја нова вежба, подготовка на нов тренинг, секојдневно ме движи и мотивира и во работата и во животот. Ова е и начинот на кој ги прифаќам сите работи, па колку и да изгледа тешко во првиот момент, кога ќе почнеш да вежбаш, понатаму е веќе сè полесно, трудот што ќе го вложиш со сигурност те наградува.

Дали тоа значи дека стануваш зависен од спортувањето?

Мислам – да и, едноставно, спортувањето те присвојува и несвесно стануваш зависен. Одеднаш ова сè ти станува секојдневие, станува дел од тебе, искрено, веќе ова е мојата и карактерна црта, па и стил на живеење.

Од каде љубота за оваа работа. Како почна твојата пилатес-приказна за сега, денес, да имаш навистина многу дами што ги слушаат твоите совети? 

Голем дел од денот го поминував во сала, интересот стана голем, љубовта уште поголема и сè што сакав е тоа чувство на задоволство да го пренесам на што повеќе луѓе. Така и почна приказната со моето Fame fit, студио за динамичен пилатес, а подоцна и простор за други стилови на вежби, body burn fitness, интензивна програма, јога-часови.

Работам како пилатес-инструктор веќе 9 години, последните три ја водам и body burn-програмата, а бројот на задоволни клиенти, вежбачи, стана голем, со тоа што покрај првото студио во Аеродром, работиме уште на две нови локации во Црниче и во Капиштец.

Сè повеќе се зголемува и расте оваа култура на водење здрав живот, во која голем замав зазема и рекреативното спортување, што е за пофалба, а јас сум пресреќна што сум дел од неа.

Колку Македонките сакаат да вежбаат? 

Во сите овие години секогаш имам критика за својата форма и спремност, секогаш сакам повеќе и тоа е она што се нарекува опсесија од физичката активност, секој што пробал – знае. Радува фактот и бројот на сè повеќе активни Македонки во разни стилови на тренинзи, а со тоа стануваме и една посвесна нација за овој благодат од спортувањето. Сè повеќе се зголемува и расте оваа култура на водење здрав живот, во која голем замав зазема и рекреативното спортување, што е за пофалба, а јас сум пресреќна што сум дел од неа.

Како се снаоѓавте за време на пандемијата со оглед дека салите се затворени, како е со онлајн-тренинзите? 

Во време на коронавирусот нашата приказна и дружење со вежбачите продолжува виртуелно, со оглед на тоа што сите спортски сали беа затворени, моравме да најдеме решение. Продолживме со вежбање од дома, на кое се приклучија голем процент од тековните клиенти, а се приклучија и многу нови и од други градови, па и надвор од границите. Сето ова нè наведе на еден новитет во работата, кој ќе продолжиме да го правиме и понатаму покрај вежбањето во сала за да бидеме достапни за сите оние што не можат да стигнат до нашите сали од разни причини, за сите оние од другите градови и оние надвор од нашите граници. Моментно функционираме и со вежби на отворено, на кејот на реката Вардар, кој во летниот период е одлична можност за одлична рекреација, изведување разни вежби, кои ги комбинираме со трчање.

Ги тренираш и ракометарите од РК „Јуниор Кисела Вода“. Како е да се работи со нив? 

Покрај овие тековни мои ангажмани, од лани имам и придонес во формата и кондицијата на ракометарите од РК „Јуниор Кисела Вода“, клуб што оваа година ќе се натпреварува во суперлигата. Заедно со нивниот главен тренер Благоја Весиќ се грижиме за подготовките во припремниот дел пред почетокот на новата сезона и натпреварите во суперлигата. Ова беше новитет во мојата работа што го прифатив со големо задоволство, претставуваше предизвик на кој морав да одговорам позитивно и одговорно. За разлика од групите што ги водам, каде што претежно вежбаат жени, рекреативно и за себе, овој пат тренирам мажи, кои професионално играат тимски спорт. Тренинзите секако се поинакви, како спортисти секој од нив мора да биде максимално подготвен кондициски, да има јачина и цврстина да ги одигра сите дуели и контакти со противникот, да има јак шут, отскок за да се изведе шутот, така што за сето ова да се постигне, склопот на вежби и нивниот интензитет е поинаков. Ракометот е спорт што го сакам и следам од мала, така што овој удел во него ме прави уште посреќна и помотивирана. Подготовките годинава почнуваат на крајот на јули, а програмата веќе се изготвува и со нетрпение чекам да почне и годинашната дружба со клубот.

Александра Георгиев

 

Ќе ви се допадне