Една од најдобрите македонски кошаркарки, Јелена Антиќ и официјално објави крај на играчката кариера на свои 32 години. И покрај квалитетот, поради бројните повреди не успеа да изгради кариера согласно потенцијалот, но зад себе остави силна трага и во клупската и во репрезентативната кариера.
За потсетување Антиќ кариерата ја почна во Младинец, за рано да се пресели во САД каде што настапуваше прво за екипата на средното училиште „Либерти Академија“, а потоа и за Универзитетот Ливерти флејмс. По враќањето од САД најпрво настапуваше за белградски Партизан.
Таму мина три сезони, а потоа и за Радивоје Кораќ (Србија), Макаби Ашдод (Израел), ЦСУ Алба (Романија), Лулеа Баскет (Шведска), Висла Краков како и за македонскиот тим Баскет Кам. Зад себе има три шампионски пехари, исто толку трофеи во Купот на Србија и во женската АБА-лига, сите освоени во дресот на Партизан.