Со поп-пејачката Елена Ристевска уште на прва знаете дека нема да ви биде досадно. Од една страна, поради приказната што реши да ја раскаже за „Репортер“, а од друга, поради непосредноста со која си ја отвори душата. Фамата што се крена за „Лимон и текила“ беше поводот, но со Елена разговаравме и за пропаднатиот брак со Бојан, за смртта на татко ѝ, за љубовта, за идните музички планови.
„По сè што прочитав за мене и за новата песна на социјалните мрежи, да бев полабилна, ќе помислев на самоубиство. Јас сум 15 години на сцената. Го поминав ова и со ‘Нинанајна’ кога требаше да оди на Евросонг. И тогаш се крена фама, а песната имаше голем успех, плус е препеана на неколку јазици“, раскажува Елена.
„Лимон и текила“ е по нарачка на руски менаџер. Не било планирано да се пушти во Македонија. Елена инсистирала, сепак, првин да се промовира кај нас. Таа открива дека, освен верзијата со Емина Јаховиќ, набргу ќе снима и шпанска верзија, по што треба да потпише договор со шпанската продуцентска куќа „Сони“.
„Овде кај нас ми е како тест-нација. Сè што не поминало добро тука, поминало надвор. Фановите многу ме поддржаа, и колегите, а и новинарите. Никој не ми ја подметна песнава, јас работам со истиот тим 15 години и сама избирам што ќе пеам“, вели поп-пејачката. Елена вели дека станува збор за реге-песна, а не народна, како што се пишуваше.
„Сепак, предизвикувам внимание без да му платам некому или да замолам да ме објават. Па, искрено, ми годи вниманието што го предизвика мојата нова песна“, додава Ристеска.
Разговаравме за пропаднатиот брак со Бојан. Вели: „За да се разделиш со некого, мора да има навистина нешто големо. Јас бев решена тој брак да заврши, но ниту еден развод не е пријатен“, искрена е Елена. Таа откри дека нејзиниот сопруг не бил љубоморен и бил сигурен во нејзината љубов и дека причината за разводот не е нејзиниот настап на ТЛЗП.
„Ех, тогаш ние бевме далеку од развод. Бојан ме поддржуваше и доаѓаше во Белград“, додава.
Многу ја погодила смртта на татко 1. И кога целото семејство се соочувало со неговата болест, се појавиле шпекулациите за наводната тепачка на двајца момци во населбата Аеродром.
„Татко ми на смртна постела ме молеше да не објаснувам дека тоа е лага и јас го послушав“.
Елена вели дека најтешките мигови во животот ѝ биле кога се соочила со болеста на татко ѝ, кој по една и пол година ја изгубил битката со ракот.
„Имам чувство дека тој е тука, така ми е полесно. Станувам свесна дека го нема само кога ќе отидам на неговото вечно почивалиште“.
Александра Георгиев