Фолк-пејачката Елена Велевска неодамна ја промовира македонската верзија за песната „Недостапна за тебе“. Песната претходно е снимана и на бугарски јазик. Во интервју за „Репортер“ фолк-пејачката искрено зборува за кариерата, за семејството, за љубоморните колешки, за хуманоста.
„Се трудам да направам модерна фолк-музика зашто навистина имам разновидна публика, и помлади, и постари и дијаспората. Но, музичкиот пазар е оној што нѐ е принудува да пееме ваков тип музика затоа што реално повеќе им се допаѓа на луѓето“, вели Велевска. Таа вели дека во Австралија, пак, секогаш за нашинците пее исклучиво изворна македонска песна.
„Јас сум веќе изграден пејач. Каде и да настапам, вечерта бргу минува зашто со мојот сплет на песни знам навистина да ѝ се допаднам на публиката“, искрена е фолк-пејачката.
По Дуле и Коки, таа е единствената кај нас што потпиша со бугарската продуцентска куќа „Пајнер“.
„Јас сум сејмена жена и не можам да се преселам во Бугарија, но условите беа добри, па прифатив. Тие беа воодушевени затоа што знам да пеам и на српски, и на турски, на индиски, на португалски… лесно се договоривме и таму снимам секогаш кога јас можам“, ни открива Елена. И додава дека „Пајнер“ сака од неа да направи балканска пејачка.
Често знае јавно да ги прозве колешките велејќи дека ѝ се љубоморни. На ова таа вели: Најчесто зборуваат оние што веќе и се заборавени во музиката. Јас сум толерантна, па не забележувам, ама навистина станувам недостапна за тие што ми нанеле зло, а сѐ повеќе такви ги има во последно време.
Елена вели дека сака да ги следи трендовите, па затоа и често прави провокативни фотосесии.
„Ако се разголувам заради професијата, не го правам тоа приватно. Фотосесиите се нормална работа во музиката. Така е секаде во светот, па и во регионот. Па не пеам јас ништо помалку од оние Срби што ги носат овде, а за нив секогаш се издвојуваат повеќе пари одошто за нас, македонските музичари, а сто пати сум рекла дека ние сме и тоа како музикална нација“, објаснува таа. Мајката на три деца вели дека колку и да има помош, сепак, целиот товар за децата е нејзин и се труди максимално околу нив. Поддршка има и од сопругот, особено во кариерата.
На прашањето како тој реагира на провокативните фотосесии и спотови, таа вели:
„Тој не ме гледа толку колку што јас знам да вадам материјали од мене. Поголема штета може да направат некои ако влијаат врз неговата свест. Но, тој не се сомнева во мене. Сакаше да заминеме во Австралија одамна, но свесен е колку јас сакам да останам тука и затоа ме поддржува во сѐ“, открива Велевска.
Александра Георгиев