Ева Богоевска, виртуоз на виолина, во резиденцијата на Пендаровски изведе дел од репертоарот со кој настапува во светот

Виолинистката Ева Богоевска беше кај претседателот Стево Пендаровски. Таа во резиденцијата свиреше на својата виолина, а Пендаровски објави заеднички фотографии и напиша дека таа е вистински млад виртуоз.

Ева на Факултетот за музичка уметност се запишала на 16 години и била најмлад студент во генерацијата, а во 2020 дипломирала со највисок просек 10,00. Била прогласена и за најдобар студент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за 2019/2020 година.

„Ева има настапувано на концерти во градови и во земјата и странство. Добитник е на многубројни награди на престижни домашни и меѓународни фестивали и е редовен член на нашата Филхармонија како прва виолина тути. Нејзината определба да ја гради професионалната кариера во земјата е за поздрав“, рече Пендаровски и ѝ посака многу успеси во иднина.

Ева во 2018 година имаше успешен солистички концерт во Американската катедрала во Париз, а освен во Франција, има настапувано и во Италија во „Опера хаус“.

Scroll to Top