Филмот “Efterklang: Makedonium Band” во текот на 2025 година е селектиран на пет престижни европски филмски фестивали.
Проекциите, ќе бидат проследени со концерт на данскиот музички состав Efterklang, а на дел од нив, ќе се одржат и настапи на целосниот музички ансамбл “Efterklang: Makedonium Band”.
Фестивалите, во чии рамки ќе биде прикажан филмот се “Balkan Film Week” во Лајпциг, “Budapest Ritmo Festival” во Будимпешта, “Dokfest Munich” во Минхен со пет последователни проекции, фестивалот “Ethniesy” во Бидгошч, Полска и “Tromso World” во Тромсо, Норвешка.
Филмот, успеа да биде и дел од каталогот на филмови на престижната авиокомпанија “Fly Emirates”, како дел од понудата филмови за време на прекуокеанските летови.
Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 насловен “Efterklang: Makedonium band” во продукција на Rosforth и Rumraket (Данска) и ЈУ Младински културен центар, минатата година ја имаше својата светска премиера на престижниот европски фестивал за документарен филм “CPH:DOX” во Копенхаген. Проекцијата, која ја проследија повеќе од 1000 присутни лица, кулминираше со овации на целата сала.
Филмот претставува музичко патешествие на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот “Македониум” во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
Ефтеркланг во рамките на својата европска турнеја ќе настапат на 1 мај во културниот центар Паблик Рум.