Ѕвездите на Гранд, Елена Миленковска и Александар Гуте Маринковиќ, викендов се во Охрид. Пејачите, кои се венчаа пред неколку месеци, на „Инстаграм“ ја објавија истата слика и јавно си испратија љубовни пораки.
„Најважните средби душите ги договараат долго пред да се видат телата“, напиша Елена. Гуте, пак, преку сликата, на својата сопруга ѝ кажа дека „секој има една личност чиј поглед го чека долго, а кога конечно погледите ќе се сретнат, веќе за нив не постои минатото“.
Двојката летото го поминаа во Србија со нивниот син Максим, кој се роди во јуни. Тогаш за „Репортер“ кажаа дека заради короната ќе останат во Белград или во Милетиќ, Војводина, од каде што потекнува Гуте, а во Македонија, кај семејството на Елена, ќе дојдат кога ќе има можност за тоа.
За потсетување, Елена и Гуте се запознаа на снимањето на музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“, каде што двајцата се натпреваруваа. Се верија по пет месеци врска, а на почетокот на годината, направија свадба во Скопје.
„Не теравме адети, оти има многу и македонски и српски, а сакавме и да ја поштедиме Елена, оти е бремена. За свадбата учев да пеам македонски песни, а потоа за мерак на сите, запеавме и двајцата“, рекоа Елена и Гуте во неодамнешното интервју за „Репортер“.