Кларинетистот Исмаил Лумановски вторпат стана татко. Неговата сопруга Ѓулчин роди девојче кое ќе се вика Арија. Музичарот, кој со години живее во Њујорк, објави слика од девојчето на „Фејсбук“ и напиша дека таа се родила со 4,3 килограми. Двојката веќе го има синот Едис Јон.
Исмаил е роден во Битола пред 36 години. Факултетот го завршил во Њујорк, каде што живее и денес. И неговиот татко Ремзи е музичар, интерпретатор на народни песни. Иако има меѓународна кариера, кај нас е познат по соработките со многу музичари. Тој пред неколку години од Њујорк дојде во Скопје само за да свири на концертот на „Љубојна“.