Министерката образование, Мила Царовска и нејзиниот партнер Горан Георгиевски го испратија синот Давид на училиште, кој денеска тргна во трето одделение. Според протоколот, сите носеа заштитни маски, а наставничката му мереше температура на Давид на влезот на училиштето. Иако ретко споделува семејни фотографии во јавноста, министерката објави неколку од првиот школски ден на социјалните мрежи.
„Направи го поинаквото интересно и почитувај ги новите правила. Не вади ја маската, држи растојание од другарчињата и често миј ги рацете“, му рекла министерката на синот пред да влезе во училиштето.
Таа вели дека тоа е нејзината порака и до сите деца што денеска тргнуваат на училиште.
„Бидете внимателни, заштете се себеси, а со тоа ги чувате и сите околу вас. Почитувајте ги наставниците и грижете се едни за други. Оваа училишна година е навистина поинаква, Ковид-19 ни наметна нови правила. Но, не дозволувајте ништо да ве спречи да продолжите да учите, да се развивате и да ги следите своите соништа. Среќно“, напиша министерката Царовска.