(Фото) Турската ѕвезда Арас Булут е во Скопје, се снима серија во која се појавува и пејачката Елена Петреска

Еден од најплатените турски глумци, Арас Булут Линемли, деновиве во Скопје ја снима серијата „Ататурк“, посветена на војсководецот Мустафа Кемал Ататурк и 100 години турска република. Дел од сцените се снимаа во позната скопска кафеана, а Арас на снимањето го чуваат пет телохранители, ни раскажаа за „Репортер“.

Во серијата се појавува и пејачката Елена Петреска, која со хорот на Македонската опера и балет изведе сцени од операта „Кармен“.

Елена објави неколку фотографии од снимањето, па откри дека сите се облечени во традиционална турска облека, за да го доловат времето во кое се случува дејствието на серијата. Вели, ова е ново искуство за неа во кое уживала.

Арас Билут Линемли се прослави со серијата „Бурни времиња“, потоа глумеше и во „Величествениот“, а најпознатата улога ја имаше во серијата „Јама“ која се прикажуваше до неодамна на турските телевизии.

Пред почетокот на снимањето на серијата „Ататурк“, тој за локалните медиумите изјави дека се изолирал од луѓето за да може да се спреми за улогата. Тој додаде и дека оваа улога му е најзначајната во досегашната кариера.

„Се надевам дека достојно ќе го одиграм ликот на нашиот голем водач, ќе дадам сè од себе да бидам добар. Целиот тим е возбуден од приказната. Се воодушевив кога го прочитав сценариото, ми се насолзија очите“, рече тој пред почетокот на снимањето.

Серијата ќе се прикажува 2023 година на каналот Дизни плус, а Арас како најава го објави првиот трејлер. Се очекува ова да биде најскапата турска серија снимена досега.

Scroll to Top