Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, прослави 25 години матура заедно со неговите соученици и професори. Заедничките фотографии беа споделени од училишниот двор и училницата во која поминале заедно четири години.
Премиерот Заев со класната раководителка Билјана Витанова, се потсетија на средношколските денови, но и на годините потоа, од професионалниот и личниот живот. Посебно среќна беше професорката Витанова.
„Горда сум на целата генерација, но посебно на мојот ученик Зоран Заев, кој што денеска е претседател на Владата на Република Македонија. Се гордеам со него и како човек и како политичар“, изјавила Витанова.
„Зоран Заев го заврши средното образование во струмичката гимназија како одличен ученик, скромно и вредно момче. Тој е најдобриот и најуспешниот ученик во мојот 40-годишен работен стаж во образовниот систем“, дополни Витанова.
По завршувањето на класниот час, премиерот Заев со своите соученици и класната раководителка, дружењето го продолжија во едно од струмичките кафулиња.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, беше ученик во средното општинско училиште „Јане Сандански“ во Струмица во генерацијата 1989 – 1993 година.