По еден месец натпревари, во недела во Катар ќе се игра финалето на годинашното Светското првенство во фудбал. Франција ќе проба да ја одбрани титулата од 2018 година, а Аргентина да го освои Мундијалот по 36 години пауза.
Пред финалето, „Репортер“ праша спортисти, музичари и јавни личности кој е нивниот фаворит во финалето и дали следниот светски шампион ќе биде Франција или Аргентина.
„Би сакал Аргентина да го освои Светското првенство, бидејќи тие ми беа фаворити за титула заедно со Шпанија и Хрватска. Лично, сакав Хрватска повторно да игра во финалето. Имаат феноменален тим и ми се допаѓа како играат на последните 4-5 првенства. Докажаа дека се голема селекција. Но, штом Франција и Аргентина стигнаа до финалето, сигурно заслужуваат да се таму. За Аргентина се досудија многу пенали, а судиите како да имаат поголем респект за државите што се фаворити. Но сега е тука и ВАР системот, со кој носат поточни одлуки, ама и кој им оди во прилог на помалите држави,“ вели голманот на македонската репрезентација, Столе Димитриевски.
За фолк-пејачката Елена Велевска, Аргентина ќе биде победник на Светско.
„Мислам дека Фрранција и Аргентина заслужено се во финале, затоа што во своите состави ги имаат во моментов најдобрите светски играчи, во Франција е Мбапе и во Аргентина е Меси. Мене фаворит ми беше Аргентина поради тоа што Меси е роден на ист датум како и мојот син Марко, на 24 јуни, а тој исто така игра фудбал и е левак како и Меси“, вели Велевска.
Легендата на македонскиот фудбал Дарко Панчев, пак, вели дека уште на почетокот фаворити му биле Франција и Бразил, а како потенцијални Португалија и Аргентина.
„Мене Франција ми е најголем фаворит, ама лично сакам Меси да го освои првенството затоа што таква величина како него заслужува да си оди дома со трофеј. И двете екипи играа константно и добро, а некогаш мора да се има и среќа. Франција се најдобри од сите. Финалето ќе биде тврда утакмица, ама не атрактивна оти Франција игра цврсто, а Аргентина го има оној италијански стил, играат одбранбено, претпазливо, агресивно додека да им се укаже шанса за гол“, вели Панчев и додава: „Пред почетокот на Мундијалот ми беа Бразил и Франција фаворити, а како изненадување Јапонија и Марко. За Хрватска не бев изненаден затоа што тие имаат добар континуитет и добар стил кој ги одржува, а нивниот успех е голем“.
Пејачот Александар Белов, кој веќе неколку години живее во Србија вели: „Можеби ќе звучи чудно, ама со оглед на тоа дека сум фанатик за Светските првенства, па и за Европското, албумот со сликички одамна е пополнет и архивиран. Пред првенството некако имав дилема дали ќе го освои Франција, Аргентина, Бразил или Германија, па тргнав со ред. Бразил го отпишав затоа што сега живеам во Србија, а Бразил беше во нашата група па не сакав ни групна фаза да помине. Германија не ја сметам за нешто пресериозна закана од кога ние ги победивме. И останав на Франција и на Аргентина, Мбабе или Меси. Франција да одбрани не верувам, а Мбапе е млад, има време за уште некоја титула, за разлика од Меси кој последен пат игра финале на Светско, па затоа мојот фаворит е Аргентина од сам старт. И ете, случајно или не, овие две репрезентации ќе ги гледаме во недела. Значи сепак нешто и јас можам да погодам.“
За Франција навива моделот и пејачка Кристина Димитри.
„Мислам дека Франција ќе ја одбрани титулата затоа што се јаки дури и без Бензема. Двајцата финалисти се одлични, а јас пред првенството сакав Франција и Хрватска да играат во финалето. Цел шампионат навивав за Хрватска, бидејќи сме нели, наши. Мислам и дека љубовта е обострана, бидејќи следната недела ќе имаме прв настап во Хрватска со диџеј Боно и тоа посебно ме радува“, рече Кристина за „Репортер“.
Одбојкарот, Александар Љафтов, кој во моментов игра за „Ал Ибтисам“ од Саудиска Арабија, типува на Аргентина.
„Мислам дека Мундијалот ќе го освои Аргентина и ќе ми биде посебно драго за Меси. Моја желба беше во финалето да играат Хрватска и Бразил. Од самиот почеток на шампионатот навивав за Хрватска, бидејќи имам многу пријатели Хрвати“, ни рече Љафтов.
Дека Аргентина ќе стане светски шампион верува и ракометниот голман Борко Ристовски, иако според него, натпреварот ќе биде неизвесен до крај.
„Со оглед на изедначениот квалитет на двете репрезентации, и натпреварот ќе е таков, изедначен. Но, мој фаворит и тим за кој навивам е Аргентина. Кога настапувате на големи натпреварувања, како што се светско или европско првенство, нормално е да има осцилации во играта и секој да „советува“ како треба да се игра. Но, кој и да го освои првенството ќе биде сосема заслужено. Мислам дека овој пат сè се вртеше околу Аргентина, Франција, Бразил и изненадувањата Хрватска и Мароко. Но фаворити има само на хартија, а на терен тоа се покажа како невозможно во неколку утакмици“, вели Борко.