(Галерија) Aплауз и овации за Битолскиот камерен оркестар на „Бела ноќ“: песните од „Бонд“ и на студот ја расположија публиката

By

Вчеравечер на плоштадот „Филип Втори“ пред стотина луѓе се одржаа концертите од „Бела ноќ“, кои викендот беа одложени поради невремето во Скопје. Ни студот, а ни ветерот покрај кејот на Вардар не ја избркаа публиката која се расположи со добра музика и повеќе од три часа уживаше во детска музичка претстава, концертот на Мијата и настапот на Камерниот оркестар од Битола.

dobivaj vesti na viber

Музичката вечер ја отвори детската претстава „Моќта на музиката“. Најмладите се забавуваа со детските песни и приказната во изведба на „Триангл плус“. Веднаш по претставата концерт имаше Мијата и за мерак на оние што дојдоа да ја слушаат пееше свои песни, но и преработки на светски хитови во блуз стил. „Верувај во себе“, „Волшепства“, „Домаќинска“, „Враќање дома“ ја загреа публиката за концертот на Битолскиот камерен оркестар.

Овој пат музичарите од Битола настапија со „Џејмс Бонд симфонија“ и ги свиреа најголемите хитови од филмовите за тајниот агент 007. Иако доцнеа половина час, публиката ги пречека со силен аплауз кога почна познатата тема од Бонд-филмовите. По воведната песна, на сцената се менуваа Наде Талевска, Агни Авшар и Ирена Димовска. Се редеа License to Kill, Diamonds Are Forever, World Is Not Enough, Goldeneye, Skyfall, Die Another Day, Tomorrow Never Dies.

Песните што ја одбележаа филмската музика во последните 60 години звучеа одлично во изведба на македонските пејачки. Публиката пееше заедно со Ирена, Агни и Наде и по секој настап ги поздравуваа со овации. Не криеја дека уживаат во безвременските Бонд-хитови, па можеше да се слушнат коментари дека ни требаат повеќе вакви концерти и свирки на отворено, дури и кога студи.

Музичкиот дел од „Бела ноќ“ заврши со сетот на диџеј Дубнотик.

 

Ќе ви се допадне