(Галерија) Зејтин нема, струјата поскапе, а Сашко Коцев рече ова му е последна „Златна бубамара“ што ја води

Под мотото „Да живнеме“, вчера се одржа 25. Златна Бубамара на популарноста. Јубилејот го славеа четири и пол часа. Иако дел од публиката не остана до крајот во А1 арената, Бубамара пак ги собра познатите имиња, уметници, спортисти, музичари. Оваа година акцентот како да беше ставен повеќе на фолк-музиката, отколку на поп изведувачите. Но, тоа беше доволна причина за убаво расположение во публиката.

Сашко Коцев и оваа година беше на ниво на задачата и пак ја пукна од смеење публиката. Особено на препад ја фати публиката кога рече дека : Ова е последна „Златна Бубамара“ што ја водам. Затоа, нема да пазам, можам да зборувам што сакам“. Потоа кажа дека се шегува: „Нит ми е последен пат, нит сум пазел, нит ќе пазам што зборувам“

Добар избор беа актерите Атанас и Тино, па никој не остана рамнодушен кога се шегуваа на сметка на Стојанче Ангелов, кој ко Чак Норис со гранче го гасел пожарот.

Новиот премиер Димитар Ковачевски Таче заради фризурата го споредија со Перо Антиќ и Ферус. Смеење до солзи беше и за Тамара, за која пак потсетија како ја утна химната, ама и за Панчо од ДНК, кој по цело тело тетовираше имиња на фудбалери. „Среќа што не се пласиравме на Светско, зашто така ќе мораше втор пат да ја тетовира цела репрезентација, а мало тело има, па нема да собере“.

Бубамара не поминува ни без Игор Џамбазов кој рече: „Јас сум единствениот жив створ кој учествувал на сите 25 Бубамари до сега“.

Сашко седна и возеше мотор „Томас“ на сцената и ја пееше „Мотори“, а со него сите во салата. Се шегуваше за Заев и Димитров кои полуголи се сликаа од Охрид, а не ги заборави ни Заев и Филиче на моторите на четири тркала, па се пожали не го викнале оти возел стар мотор.

„Путерот со поминат рок го јаделе горе кога отишле со моторите на ливада. Зејтин нема, ама затоа има сончоглед во семкара“, рече Сашко.

Се шегуваше и за високата цена на струјата, а не ги поштеди ни Мицкоски и Драги Рашковски. Потоа дојдоа на ред вакцините оти „Фајзер“ е ко вијагра, за „Астра Зенека“ ко Венко Филипче не знаеш што е име што е презиме.

Наградите и овој пат Академијата на Златна Бубамара ги распредели во категории. Награда за трајни вредности доби Васка Јанковска која ја испеа „Едерлези“ со дувачкиот оркестар на Џамбо Агуешев. Легендарниот музичар и поранешен пејач на „Бјело дугме“, Жељко Бебек, доби „Златна бубамара“ за животно дело, а македонскиот пијанист Симон Трпчески беше награден во категоријата музички амбасадор кој отсвире дела од „Македонисимо“.

По долго време на „Бубамара“ се појави Ристо Самарџиев, кој доби награда за трајни музички вредности. Група на годината се „Фолтин“. Влатко Стефановски за албум на годината. Гостин  од Загреб беше Жељко Бебек, кој доби награда за трајни музички вредности, како и Наум Петрески кој испеа три песни во чест на авторот и музичар Љупчо Трајковски-Фис, добитник на наградата за животно дело.

 

Ранко Петровиќ првиот човек на „Златна Бубамара“, повторно го избра Игор Џамбазов да нè потсети на оние кои веќе не се меѓу нас, а дел од нив е таткото на Игор, маестро Александар Џамбазов. Игор емотивно му ја посвети неговата песна „Само ти“. На видео-бим имаше и снимка од Аки Рахимовски, кој од душа во студиото на Хравстака телевизија испеал сплет од најубавите македонски народни песни.

Не го заборавија нуту покојниот автор Тоде Новачевски, па неговата песна која некогаш ја пееше Росана „Свири ми брате цигане“, ја испеа Сузана Гавазова со Ферус Мустафов.

Редакција Репортер

Scroll to Top