(Галерија) „Животот во движење“ – 70 години посветени на македонскиот балет

Во присуство на доајените на македонскиот балет, во фоајето на Националната опера и балет беше отворена изложбата „Животот во движење“, посветена на 70 години од почетокот на постоење на балетот. Со изложбата се опфатени некои од најзначаните моменти поврзани со македонскиот балет, а поставени се фотографии, скици од костими, дел од сценографии, но и костими од сегашни и минати продукции.

Изложбата е составена од седум делови. Секој од нив е историјат за премиерите во одделна декада. Изложени се и 19 оригинални плакати за балетски премиери, меѓу кои плакатот и за првата премиера, „Валпургиска ноќ“, кој е стар 70 години.

70-годишнината од постоењето на балетот се одбележуваше цела 2019 година, а заврши со гала балетскиот концерт на кој учествуваа сите првенци на Балетот и целиот балетски ансамбл, но и гости солисти од неколку земји. На  свеченоста беа доделени и благодарници на сите што придонеле во развојот на балетот во Македонија во изминатите 70 години. Постухумно благодарница доби и основоположникот на балетскиот ансамбл, Ѓорѓи Македонски, кој е кореограф на првата балетска претстава.

Изложбата во НОБ ќе биде поставена до крајот на јануари, а потоа ќе гостува во повеќе градови низ земјава.

Scroll to Top