Гаро Тавитјан доби награда за животно дело во Србија

Легендарниот тапанар Гарабет Гаро Тавитјан ја доби наградата за животно дело на регионалниот фестивал „Драм дам фест“ во Лесковац, Србија. Ова е првпат од почетокот на своето постоење, фестивалот да додели награда за животно дело. Диран, постариот син на Гаро, вели дека се пресреќни што некогашниот тапанар на „Леб и сол“ доби ваква престижна награда.

„Тие специјално допатуваа во Скопје да му ја врачат наградата на Гаро, за врвни постигнувања и поставување на темелите на ритамот и тапанарството во регионот и пошироко. Честитки до нашиот татко, кој е еден од ретките музичари со безмалку 60 години активна, реална и неповторлива уметничка, концертна и дискографска кариера на Балканот“, напиша Диран и објави слики од наградата.

Гаро Тавитјан е поранешен член на култната група „Леб и сол“. Освен како тапанар, тој во неколку песни се појавува и како вокал на групата, а една од тие песни е „Распукала Шар Планина“. Претходно бил член на неколку други скопски групи, а подоцна е основач на составот „Парамециум“ во кој членуваат неговите синови Диран и Гаро.

Во јули 2001 година Гаро и синовите го снимија албумот „А бре, Македонче“ кој има преработка на осум македонски изворни песни.

Scroll to Top