На концертот во чест на Тоше Проески, што ќе се одржи на 2 ноември во арената „Борис Трајковски“, ќе се пеат и песни од мјузиклот „Тајно моја“. Песните од Тоше ќе ги пеат Антониа Гиговска и Александар Тарабунов, кои глумеа во мјузиклот што беше промовиран лани. Антониа ја имаше главната женска улога, а Александар настапуваше во како замена на Денис Димоски кој ја имаше главната машка улога.
„Многу сум емотивна кога зборувам за Тоше. Ми дојде во сон ноќта пред да победам на аудицијата за мјузиклот. Беше многу чудно. Ми кажа дека верува во мене, дека ќе бидам нешто што Македонија ќе сака да го има, дека луѓето навистина ќе ме ценат. Во сонот ми рече и дека е со мене секогаш, дека ќе ме поддржува без разлика дали е присутен или не“, откри првпат јавно Антониа во интервју за „Репортер“ и раскажа за нејзината поврзаност со Тоше.
Претходно организаторите на концертот најавија дека на концертот ќе пеат Каролина Гочева, Тамара Тодевска и Тијана Дапчевиќ, а од балканските музичари ќе настапат Јелена Томашевиќ, Бојан Маровиќ, Сергеј Четковиќ, Борис Новковиќ, Владо Калембер, Ања Рупел и женскиот бенд „Фрајле“.
На концертот ќе биде промовиран албумот Secret Place кој има нови, досега необјавени песни од Тоше. Ќе бидат промовирани и два нови спота.
Влезниците за концертот се веќе пуштени во продажба.