Горан Пандев ја завршува кариерата: Од сега ќе му се посветам на семејството

Горан Пандев објави дека ја завршува кариерата на 39 -годишна возраст. Тој за италијанските медиуми изјавил дека по 22 години игра веќе не ја чувстува некогашната страст.

„Мојот најстар син има 13 години, а го гледав само во паузите меѓу две првенства. Сакам повеќе да му се посветам на семејството. Цело лето не мислев на фудбал и не тренирав. По играњето во Серија Б минатата сезона, неколку месеци не правев ништо. Имам 39 години и сè ти станува уште потешко“, изјавил Пандев за италијанските медиуми.

Неговиот последен клуб беше клубот Парма.

Најдобриот македонски фудбалер Пандев вели дека и натаму се гледа во фудбалот, но во поинаква улога како спортски директор или менаџер. Открива дека сака да работи со млади луѓе и да им помага.

Горан Пандев во 2001 година се пресели во Италија. Тој го носеше дресот на повеќе италијански клубови и одигра 550 натпревари во Серија А и постигна над 100 голови. Најголемите успеси ги оствари со Интер, каде што го донесе Жозе Мурињо и во 2010 ја освоија Лигата на шампионите.

Scroll to Top