Хармоникашот Пеце Матевски е назначен за нов в.д. директор на РЕК „Битола“. Тој дојде на местото на досегашниот директор Златко Ќурчиевски, кој доби разрешување од функцијата.
Матевски над 20 години се занимава со музика и потекнува од музичко семејство. Има свирено во неколку групи досега, како „Ивент“, „Чардак“, „Соната“, „Бонтон“, а пред неколку години беше дел од „Три бенд“, со кој имаше редовни гостувања во ресторани, но и на свадбени веселби. На неговиот фејсбук-профил сè уште се актуелни фотографии и видеоснимки од настани на кои гостувал со бендовите.
Во 2002 година дипломирал на Машинскиот факултет во Битола, отсек индустриски менаџмент. Во 2016 година магистрирал менаџмент на човечки ресурси.
Според ЕСМ, ќе следуваат и други кадровски промени во комбинатите со цел подобрување на производството.