„Иако бевме разделени со Јована, не престанав да ја сакам“, Пере проговори за новата сопруга со која чека ќерка

Музичкиот бенд „Нокаут“ победи на „Макфест“, кој неодамна се одржа во Штип. Песната „Сакам да жиевам“ се покажа како вистински избор и дојде како освежување по периодот на короната и карантинот. Но, она што уште повеќе беше тема на муабет, е дека Пере од „Нокаут“ пак ќе стане татко. Неговата сопруга Јована е бремена и ова ќе биде трета ќерка за Пере, кој веќе има две ќерки од бракот со претходната сопруга Александра.

За љубовта со Јована, која првпат ќе стане мајка, Пере со возбуда ни раскажува колку е среќен.  „Неодамна се свршив со Јована, мојата долгогодишна љубов. Дознав дека повторно ќе станам татко, и тоа трет пат на ќерка, што за мене е огромен благослов. Друг многу значаен момент за мене е тоа што мојата мајка извојува една многу тешка победа и сега со нетрпение и со нови сили го очекува петтото внуче“, ни раскажа Никола Перевски-Пере за „Репортер.мк“.

Љубовта со Јована почнала во 2011 година во времето кога го спремале големиот анплангд- концерт во „Метрополис арената“.

„Го знаете она чувство кога со некои луѓе од прва ќе ви кликне и се чувствувате како да се познавате и од претходниот живот, е па со неа го имав тоа чувство. Како што поминувавме повеќе време заедно, така сè повеќе се поврзувавме и сфаќавме дека тоа е тоа. Околностите направија да се разделиме еден период додека јас живеев и студирав во Барселона, но, како што вели песната ‘Сакам да живеам’, честопати прелетував земји за да ја видам и физички, но и во мислите. Да бидам искрен, никогаш не престанав да мислам на неа. И, ете, имав среќа повторно да ја обновиме врската и да ја зацврстиме со брак и набргу со бебе. Да бидам искрен, има и неколку други песни што ѝ се посветени токму нејзе, но оставам на вас да откриете кои“, ни раскажа Пере за љубовта со Јована.

 

На прашањето дали има трема оти по подолго време пак ќе стане татко, вели дека чувствува возбуда и трема исто како кога требало да се родат ќерките Миа и Каја.

„Тоа што сум веќе искусен татко не значи дека не сум во блага паника. На Јована ова ѝ е прво дете, па можете да замислите колку сме возбудени и среќни и двајцата. Најважно е дека имаме комплетна поддршка од нејзините и моите родители, но и од моите ќерки, така што сигурен сум дека и двајцата ќе се снајдеме одлично. Миа и Каја се пресреќни што семејството ќе добие уште еден член и уште сега прават планови за тоа како ќе помагаат, даваат предлози за името, впрочем тие веќе имаат едно помало братче од мајка им, мојата поранешна сопруга, така што искусни влегуваат во оваа нова приказна“, раскажува  Пере за „Репортер“.

Тој вели дека оваа 2020 година е една од најчудните години во неговиот живот оти сè одело од  крајност во крајност.

„Додека на професионално поле беше прилично тешка и комплицирана поради сопирањето на настапите и концертите, на приватен план се покажа како многу позитивна и среќна за мене и моето семејство. Неколку големи промени и убави моменти ја спасија годината, која цел свет ја мрази“, додава Пере.

По победата на „Макфест“, се зборуваше дека песната е автобиографска. На ова тој вели: „Јас не сум човек кој сака јавно да зборува за приватниот живот. Но, победата на ‘Макфест’ некако ме инспирира да споделам со публиката дел од мојата приватност. Најмногу затоа што песната е автобиографска и зборува за сето она што го доживеав последниот период. Песна со која ги славам животот, љубовта, исполнетите желби, душевниот мир и спокојот. Љубовта кон мојата идна сопруга, кон моите две ќерки Михаела и Каја, кон родителите, брат ми, кон најблиските пријатели“, открива вокалот на „Нокаут“.

Тој ни раскажа и дека брат му со семејството живее во Катар и со нив поради пандемијата не може сè уште да се видат, па тоа е онаа желба што ја посакува до крајот на годината.

„Би сакал да се во можност да дојдат во Македонија за заедно да ги прославиме сите убави моменти. Уште тој момент ми недостига, па ќе можам да речам дека ова година навистина беше добра со мене“, вели Пере.

Александра Георгиев

Scroll to Top