Поп-пејачката Тамара Тодевска долги години е на музичката сцена. На Макeдонија ѝ го донесе најголемиот успех на Евросонг. Зад себе има хитови, песни, настапи, ама и бурна година, во која имаше и добри и лоши моменти. Од една страна успехот со „Прауд“ во Изрел, од друга страна сите оние напади од јавноста поради химната што ја отпеа во американската амбасада.
„И сега се нервирам кога ќе се сетам на тоа. Не можам да го заборавам тоа утро кога ме разбуди сопругот да ми каже што сè се пишува за мене. Реков, добро, ќе се извинам, ќе си кажам како е, ќе ме сфатат. Но, не. Никој не ти верува. Не можам да си ја простам мојата непрофесионалност, јас го згрешив текстот кој мислев дека го знам. И како да докажам дека е така и дека не сум се продала како уметник за никакви пари“, раскажува Тамара, која по подолго време во јавноста реши да прозбори за сите оние моменти, убави и неубави со кои се соочуваше.
Не било лесно и првото појавување во јавноста, по она со химната, кога на Бубамара доби аплауз како поддршка: „Се расплакав, зашто мислам дека, кога излегов на сцената, да ме боцнеше некој, ќе немав крв. Ми дојде убаво на душата кога го слушнав аплаузот“, искрена е поп-пејачката.
Настапот на Евросонг ѝ ги отвори вратите во светските градови. На Парадата на гордоста пееше за поддршка на геј-заедницата, па вели: „Сметам дека љубов е љубов, каква и да е, и не е важно дали си дебел, слаб, геј или не знам што. Секој има право на свој избор, секој има право да сака и слободно може да се пронајде во песната ‘Прауд’, која пред сè е напишана за мојата ќерка Хана. Но таа песна може да биде за секој“, вели поп-пејачката.
За сите перипетии со одземеното прво место од гласовите од жирито на Евровизија, до тешките моменти заради химната кога како сè да било против неа, за откажаните настапи и за храброста пак да се врати во јавноста, за довербата која ја изгуби во блиските, Тамара ни ја раскажа својата приказна. Ексклузивно ни откри и дека ќе снима песна со “2Бона”. Од другарство до љубов со Мачка, кој денес ѝ е сопруг, за децата, за Тијана и нивниот однос, тагата по Влатко, кого го нарекувала натапиран скакулец… Гледајте го интервјуто.
Александра Георгиев