Нема некој што не знаеше за љубовната и музичка двојка Селимова-Желчески. Поради стилот на пеење и македонскиот народен мелос што го негуваа, Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчески уште од почетокот на кариерата го добија епитетот „легендите од Македонија“. Речиси целиот свој живот живееја во Белград, но тие беа амбасадори на македонската култура во светот.
Кевсер Селимова по потекло е Турчинка, живеела во скопската населба Автокоманда. Ѓорѓи, пак, е роден во Прилеп. Тој работел како солист во Радио Скопје и е единствениот во музичкиот свет кој имал четири дипломи: музичко училиште, средно медицинско училиште, више педагошко училиште и ПМФ, наставник по хемија. Кевсер пеела турски песни од источниот дел на Македонија и глумела во турскиот театар.
Се запознале 1959 година на концерт во Титово Ужице. По желба на маршалот Тито е одржана смотра на фолклористи од цела Југославија. Скопје, како свои претставници ги пратиле КУД „Орце Николов“, во кој настапувала Кевсер, а Ѓорѓе веќе бил афирмиран солист и ја најавувал програмата. Во тоа време Желчески настапувал со Никола Бадев, Анка Гиева и Верица Исјановска. Па кога Верица во текот на една од југословенските турнеи одлучила да остане во Шабац затоа што се заљубила, Ѓорѓи морал да бара друга партнерка со која ќе пее. Тогаш се сетил на средбата со Селимова и во 1961 година, две години по првата средба, почнале да пеат заедно.
Во едно интервју, Ѓорѓи признал дека симпатии меѓу нив постоеле уште од првиот ден. Но, поминале 18 години од првата средба додека да се венчаат.
„Работевме заедно 17 години. Имаше и пријателство и љубов, но живеевме секој во свој стан. Кевсер беше поголема домаќинка, таа пред мене купи стан и го реши животното прашање. Јас бев причината што не се венчавме порано. Сакав брзи автомобили и убаво ми беше да водам ергенски живот. Кога видов дека ни летнаа годините, конечно ѝ предложив брак. По две години ја добивме ќерката Ана“, рекол Ѓорѓи во интервјуто.
Ќерката Ана се родила 1980 година. Таа, пак, пред 8 години го роди синот Ерол, и тогаш популарните музичари изјавуваа дека се најсреќните баба и дедо на светот.
Во едно интервју познатите музичари признаа дека поради културните и религиските разлики, но и тогашните сфаќања за мешаните врски и бракови, можеби нивната љубов не би опстоила.
„Среќа, живееме во Белград, инаку не знам како би завршила нашата љубов“, рече тогаш Кевсер.
Со својата музика, Селимова-Желчеси го обиколија цел свет. Во Америка биле 14 пати на турнеја, а настапувале речиси во сите држави во Европа. Пееја само македонски песни, независно дали се работи за авторска или за народна музика. На 15 ноември 2013 година одржаа концерт во Домот на АРМ во Скопје, со кој го одбележаа јубилејот – пет децении творештво.