Јавни личности и политичари се простија од Аки во Скопје, каде што на плоштадот е отворена книга на жалост

Фановите на Аки Рахимовски, денеска, последен пат се поздравија со фронтменот на култната рок-група „Парни валјак“. Во негова чест кај тревникот пред „Пелистер“ беше поставена отворена книга на жалост. Меѓу оние што се запишаа во книгата беа претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, поранешниот скопски градоначалник – Петре Шилегов, музичарите Александар Митевски и Александар Тарабунов, како и актерот Драган Спасов-Дац.

„Аки Рахимовски остави неизбришлив белег и трајни вредности, што се инспирација за сегашните и идните генерации музичари, а неговата оригиналност, изразена преку безвременските песни, ќе биде длабоко врежана во колективната меморија на целиот регион. Се гордееме што сме современици на легендарниот Аки, кој верно ја негуваше врската со своето Скопје, во кое мина дел од младоста. Нека почива во мир, вечна му слава“, напиша претседателот Пендаровски.

Вечерва, со почеток од 18 часот, на плоштадот Македонија во Скопје ќе се одржи главниот собир на хорови, пејачи и пријатели, кои заеднички кои ќе отпеат некои од најголемите хитови на бендот. Настанот е организиран од Радио Бубамара, со поддршка од „КЛС саунд“ и Град Скопје.

За потсетување, Аки ненадејно почина во саботата на 66 години. Тој утре ќе биде погребан во Алејата на великаните во Загреб.

Фото: Фејбук-страницата на Радио Бубамара

Scroll to Top