Јовица Михајловски лут на Драмски: И по четири недели, Драмски не се сети да се прости од основачот на театарот Ристо Стефановски

Актерот Јовица Михајловски со писмо се прости од театрологот Ристо Стефановски, кој почина во март, а кој 26 години беше директор на Драмски театар. Во пораката што ја испрати и до првите луѓе на Драмски и до јавноста, Михајловски не крие дека е лут што и после еден месец никој во театарот не покренал иницијатива да се одржи комеморација во чест на Стефановски. Тој го нарекува Стефановски основоположник на театарот, основачот и одговорно лице за ѕвездените успеси на Драмски театар во регионот, кој го подигнал објектот од темел по земјотресот.

„Драги Ристе.

Еве веќе четврта недела како замина, и ја, чекам некој, најнапред пред се, значи најнајнапред – Драмски театар Скопје, да најде време и простор во просторот на објектот кој ти го подигна со англиска помош, пред многу години, по земјотресот, да објави јавно одбележување, простување со твојот лик и дело, во присуство на твои пријатели, роднини, почитувачи, соработници итн…. Како што доликува на основачот и одговорно лице за ѕвездените успеси на Драмски театар како најтрофеен репрезент на македонскиот театар во регионот (Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна) и пошироко во европски и светски релевантни театарски светилници, така да се изразам литературно пригодно (кој го интересира дали лажам на гугл)… Автор на 12 тома од книгите „Театарот во Македонија“, и меѓу другите на „Летопис на македонската драма и театар“, „Монографија – 30 години Драмски театар“, „Мојот театар – Театарски вистини, записи, сведоштва, сеќавања“ и Театарски гласник до последниот ден од животот, генерален директор на МНТ, со најголемиот успех Среќна Нова 49 (кој го интересира на гугл). Се чудам, пријатели се чудат дупло, што те нема, како комеморација во Драмски театар?!! Башка, сегашниот директор-ка, е твое дете, примена на прва работа во Драмски театар, во твој мандат… Сите услови исполнети, да се одбележи, зошто си физички отсутен, а духовно, научно најприсутен во и за историјата на македонскиот театар. Факт и прилика за Драмски театар да си го потврди и одбележи како свое наследство и придобивка, институцијата која ти ја создаде и обликува во паметник, Драмски театар Скопје. Ама не… Еве четврта недела, идеме накај 40 дена да ти правиме… Си викам, мора да има нешто… Дубока држава, масони…? И, од доверливи дипломатски извори: Под притисок од Бугарите, во историската комисија, те имаат ставено во список со Самуил, Гоце Делчев, Кирил Методи, итн. Они со Исус заедно, најбрзо се решени у старт, од раѓање биле Бугари. Ама, заглавиле кај тебе, Ристо Стефановски од Дебар маало, театролог, со верификувани податоци за македонскиот театар, македонско драмско творештво, јазик култура, самобитност, легитимна цел за обезличување на македонскиот идентитет, театарска дејност. Си им се видел значаен на Бугарите за крадење… Додека не се реши твоето прашање нема одбележување на твојот лик и дело во Драмски театар.. .Ќе потрае процесот, до некогаш, можда ни тогаш.
Се шегувам, се разбира, иако не е неможно, да се изразам со реплика од Горан Стефановски. За жал, не ни требаат Бугари да се обезличиме. Сами знаеме најдобро, да си ги сотираме корените.
У меѓувреме, за секој случај, ја да ти оддадам лична почит.

Слава Ти, Ристе!
Твој, Јово

Scroll to Top