Кафе-муабет со Ѓорѓи Галетановски – Чомбе: Уште неосвестени со другарите сме во маалското кафуле

Од мои 17 до 36 години работев како менаџер во ноќниот живот во Скопје, кој сам по себе носи други навики и начин на живот, па на почетокот кога започнав да работам како директор на скопската Зоолошка градина, искрено ми беше тешко привикнувањето.

Сепак се навикнав, па сега сам станувам околу 7 и 30 наутро, a еден час подоцна веќе сум на работа.

Работниот ден ми почнува со планирање на неделните обврски заедно со моите колеги со кој го пијам и утринското кафе. Разговораме за организација на денот и се што се  потребно за животните и за зоолошката градина. Огромен предизвик за мене е тоа што работам со колеги кои ја сакаат оваа работа и кои сакаат постојано подобрување и усовршување.

Се трудам секој ден да ми биде подобар од претходниот ден, посебно во ова време на пандемијава, да ги направам среќни и задоволни луѓето околу себе и со нови проекти да го подобрам и животот на животните за кои сум одговорен.

Последниве три четири години најголема мотивација и релаксирање ми се животните. Знам да дојдам сам вон работното време или за викендите и да се прошетам приватно низ Зоолошката. Иако немам омилено животно, сепак најмногу останувам кај тигрите и слоновите. Кај  фламингата не можеш, а да не застанеш и да не се воодушевиш од нив.

Викендите и слободното време го користам со пријателите. Тоа ми е ритуал веќе неколку години. Имаме едно маалско кафуле, во кое одиме секој вкенд. Само што си станал од спиење, не си ни доручкувал, прво одиш да пиеш кафе и се гледаш со другарите, па после организираш како ќе ти поминува денот, па и целиот викенд. Викендите најчесто ги поминувам заедно со другарите, затоа што преку недела сите сме со некакви обврски.

Ѓорѓи Галетановски – Чомбе, Директор на Скопје ЗОО

 

Scroll to Top