Филмот „Кајмак” на Милчо Манчевски, освои Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА, Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот. Наградата ја прими на затоврањето на Меѓународниот фестивал во Херцег Нови, Црна Гора.
Со него беа и актерите Александар Микиќ и Ана Стојановска.
„Филмови не се прават за награди, ама вакво признание е потврда за вложениот труд и талент на целата екипа”, рече Манчевски.
Деновиве се појави нова рецензија за „Кајмак” во американските медиуми.
„Манчевски вградува повеќе значење во ‘Кајмак‘ отколку што би имало во една обична секси лудорија, истражувајќи ги и императивот да се биде родител и еластичните граници на моногамијата. Сите улоги во ‘Кајмак‘ се одлични. Ликовите имаат многу секс, ем радосно откачен, ем грешен до наежување. Филмот е многу смешен, а Манчевски дури и слатко им намигнува на шпагети вестерните на Серџо Леоне“, рече „Муви гурме”.
„Кајмак“ ја имаше американската премиера на 33. издание на Синеквест во Калифорнија, еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент.
Во почетокот на септември ќе биде прикажан на уште три фестивали, i-Fest во Калабрија во Италија, каде што ќе има и ретроспектива на опусот на Манчевски, Балкан панорама во Измир во Турција и „Avant&Una“ во Бихаќ во Босна и Херцеговина.
„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Продаден е за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка и Кариби. Светската премиера ја имаше на фестивалот во Токио.
Филмот ја освои Специјалната награда на жирито на Фантаспорто во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија. „Кајмак“ беше најгледаниот филм во Македонија минатата година.
Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски.
Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и Игор Василев Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директорка е Милка Анчевска.
Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Ијан Прајор.