Каролина ќе пее за лицата со Вилсонова болест во Градски парк

Каролина Гочева во недела, 16 октомври, во Градскиот парк ќе пее за поддршка на лицата со ретката болест Вилсон. Концертот почнува во 11 часот на летната сцена Лепеза.

„Во недела, заедно со мојот бенд, пееме за поддршка на лицата со Вилсон“, напиша таа.

Вилсоновата болест е генетско нарушување на метаболизмот, кое се карактеризира со неможност на организмот да го исфрли бакарот и тој се таложи во црниот дроб, мозокот и очите. Се манифестира со невролошки симптоми и со болести на црниот дроб, а најчесто се јавува на возраст од 6 до 20 години. Вилсоновата болест не е смртоносна ако се открие навреме и се почне со терапија. Редовната терапија овозможува нормален живот со минимални диететски рестрикции. Терапијата за Вилсоновата болест е доживотна, односно до евентуална трансплантација на црниот дроб.

Во моментов, во Македонија има дваесетина пациенти. Според светската статистика на популација од 2 милиони жители се очекува да има меѓу 60 и 70 болни.

Scroll to Top