„Кипарската лига е силна, имам голем мотив да се докажам“ – фудбалерот Дарко Глишиќ потпиша договор со клубот „Докса“

Фудбалерот Дарко Глишиќ e нов играч на клубот „Докса“ од Никозија, Кипар. Кога му заврши договорот со „Шкупи“, Дарко потпиша договор за популарниот клуб од Кипар, кој во моментот е на шестото место во првата лига. Задоволен е што веднаш најде нов клуб, па во разговорот за „Репортер“ ни откри дека со нетрпение ги чека првите натпревари со новата екипа.

„Секој играч би прифатил добра понуда од кај и да е, а јас имав таква понуда од Кипар и со задоволство ја прифатив. Договорот со ‘Докса’ е на една и пол година. Кога пристигнав во Никозија, една недела бев во карантин и тренирав сам. Во меѓувреме, направив 3-4 теста на коронавирус, сите беа негативни, и еве веќе неколку дена, од понеделникот, тренирам и со екипата“, ни изјави Дарко.

На шега вели дека првите впечатоци од новата земја му се од карантинот оти не смеел да мрдне никаде. Но, од она што го видел досега, ни кажа дека Никозија е убав град за живеење, а фудбалската лига е силна и на високо ниво, што му е дополнителен мотив за да се покаже во новата средина.

„Јас сум дете на ‘Вардар’. Од таму заминав во ‘Олимпик Сараево’, па во ‘Тетекс’, играв во ‘Динамо Тбилиси’ во Грузија, во ‘Септември Софија’ и ‘Арда’ во Бугарија, во ‘Шкупи’ и сега во ‘Докса’. Но, од сите овие клубови, ‘Динамо Тбилиси’ ќе го издвојам како клуб што ми понуди најдобри услови за игра“, вели тој.

Не е тајна дека пред неколку години Дарко имаше голем потенцијал да игра за репрезентацијата на Македонија, но имаше повреда на ногата поради која долго време паузира од фудбалот.

„Да бидам искрен, да, жал ми е што не добив вистинска шанса да играм за репрезентацијата и секогаш ќе ми биде жал. За жал, по повредата не добивав минутажа во ‘Вардар’ баш тогаш кога требаше да се вратам и кога ми беше најпотребно да играм. Ги гледав натпреварите на репрезентацијата и секоја чест за момците, заслужено се изборија и влегоа на ЕП. Капа долу и што и да се случи на првенството, тие се наши херои“, вели Дарко.

А. Јовановска

Scroll to Top