Кога дознав дека имам тумор, почувствував како телото ми гори, си реков ќе пеам и на патерици: Давид Темелков проговори за болеста

Македонскиот пејач Давид Темелков, кој се прослави со учеството во музичкото шоу „Икс фактор Адриа“, преку Инстаграм раскажа дека пред една година лекарите му откриле тумор од 5,7 сантиметри на десното стапало, кој можел да доведе до инвалидитет на стапалото. Но, тој вели дека имал операција и успеал да ја победи болеста, а сега решил да ја сподели својата приказна. 

„Една година подоцна, ист ден. Оваа сторија ја пишувам со насмевка на лицето и не мислев да ја споделам јавно. Не знам зошто, но можеби некому ќе биде охрабрување, баш такво какво што мене ми требаше пред една година. Минатата година започна жестоко, веднаш по Нова Година дознав дека на десната нога, во нервот кој ја движи ногата, имам тумор со големина од 5.7см. Докторот кој ме прегледа јасно ми кажа дека ситуацијата е сериозна и постои можност од 98% за инвалидитет на десното стапало кое ќе остане неподвижно и нема да има функција оти туморот веќе го има оштетено нервот. Нема да кажам дека таа информација не ме погоди. Ме погоди! Но во првите 10 минути. Седнав во кола и почувствував како телото ми гори. Не знаев како да им соопштам на најблиските. По кратка тишина, на глас си реков ‘Господе, сè е во твои раце. Ако е ова твоја волја, достојно ќе ја понесам, ќе пеам на штаки, во количка, ќе седам на работ на бината и ќе пеам да те прославам колку ме држи глас’,“ вели Давид.

Тој раскажува дека пред операцијата не дозволил да падне психички, туку се радувал на секој нов ден и на сите нови обврски, тренинг и концерт. Еден ден пред да го оперираат имал настап и цело време скокал на сцената.

„Си помислив, ако е ова последен пат да скокам, ќе скокам како дете цела ноќ. Ама, се случи чудо, операцијата помина одлично. Стапалото уште не е на 100%, ама духот е. Само Господ знае зошто ни дава искушенија и фала му за сè. Огромна благодарност и до професорот Раде Жиц кој веруваше и во оној 1% дека може да се спаси стапалото и што ми овозможи цврсто да чекорам кон целите и соништата. Животот е чудо, сите имаме кревања и падови, но кога ќе паднеме најважно е да станеме и да продолжиме. Не ми замерувајте, долга е сторијата ама е од срце,“ напиша Давид.

Scroll to Top