„Конечно сум раат во бременоста“, Јана Бурческа откри дека чека бебе

Пејачката и водителка Јана Бурческа е бремена со своето второ дете. Таа веќе е во осмиот месец. Овојпат чека син, кој ќе се роди на крајот на јули.

„Новиот мангуп во семејството ќе дојде наскоро, а ние сè уште водиме семејна дебата за името на бебето. Татко е среќен што ќе има син, а и јас исто така“, откри Јана за „Репортер“.

Вели: „Мојата двегодишна ќерка Дона често се чуди како тоа имам одеднаш голем стомак, ама искрено, уживам да ѝ објаснам дека во стомакот има бебе“.

Јана до сега ја криеше бременоста и знаеја само семејството и најблиските. Реши првпат да открие за „Репортер“  за тоа како се чувствува сега со втората бременост.

Речиси сите се сеќаваат на нејзината прва бременост. Таа пред три години откри дека чека бебе додека настапуваше на Евровизија во 2017 година. Тогаш сопругот Аце ја побара за жена во живо пред неколку милиони луѓе. Но, втората бременост до сега ја држеше во тајност.

„Искрено и порано ќе се дознаеше дека чекам бебе, бидејќи секој петок ја водам ‘Плеј топ 10’ листата, ама заради пандемијата, емисијата престана да се снима, па ме нема на телевизија“, вели пејачката и водителка.

И додава: „Едноставно такви беа условите и одлучивме да го зачуваме овој момент за нас и најблиските. Со оглед на природата на мојата работа, бев подготвена и многу порано да кажам, но ете, се случи пандемија и отсуството од екраните ми даде можност да уживам во раатот, кој верувајте ми, е непроценлив“.

На прашањето како ја поднесува оваа бременост, Јана ни раскажа дека сега ѝ било малку потешко, оти нејзината ќерка Дона е темпераментна, а заради пандемијата, скоро и да не излегуваат од дома.

„Имам толку многу да кажам, но ќе речам само дека е вистински предизвик да се биде бремена мајка на двегодишно темпераментно девојче и затворена дома среде светска пандемија и вонредна состојба. Физички не гледам голема разлика споредено со првата бременост и среќна сум што сè се одвива нормално. Но, голема разлика ми прави тоа што сега покрај стомакот што расте, имам и мало дете во развој со безброј потреби на кои секојдневно одговарам најдобро што можам и знам. Мора да кажам и дека оваа новонастаната, а можеби и ново-нормална состојба, се одразува на моето ментално здравје. Тоа го чувствуваат и моите најблиски, вклучувајќи ги и Дона и бебето. Периодов ми стана јасно дека најтешките борби ги водиме токму со сопствените мисли и затоа сакам уште еднаш да ја потенцирам важноста на грижата за менталното здравје и менталната хигиена“, раскажа пејачката.

Вели, иако првото дете го роди на 24 години, не ѝ било тешко да се снајде како мајка, а со Дона расте и таа.

„Родителството е процес на постојано учење и доживувајќи го како такво не чувствувам потреба да ја оценувам својата снаодливост, а уште помалку да ја врзувам со мојата возраст. Грижејќи се за Дона сфатив дека, да, морам да пораснам и тежнеам кон тоа. Но, исто така сфатив дека детето во мене е она кое најмногу ми помага да ги разберам нејзините потреби.“

А. Јовановска

Scroll to Top